Државата инкасираше речиси милион денари од матурата
Државниот буџет се наполни со 950.600 денари од приговорите што ги платија родителите за да се уверат во бројот на поени кои нивните деца ги добиле на екстерните тестови по државна матура. Но, дел од овие пари, или поточно 246.400 денари, државата ќе треба да им ги врати на родителите за оние приговори што биле прифатени. За секој приговор, родителите плаќаа по 1.400 денари.
Најмногу приговори во врска со екстерните тестови за државната матура средношколците поднеле за мајчин јазик. Од вкупно поднесени 679 приговори, дури 367 се за мајчините јазици, 175 за странските јазици и 137 за математика. Министерството за образование и наука вчера соопшти дека од нив се прифатени 176 приговори, што е 0,5 % од вкупниот број прегледани и оценети тестови.
„Беа прегледани и оценети вкупно 34.958 тестови. Од вкупно 86 училишта, во 22 не беше доставен ниту еден приговор“, се вели во вчерашното соопштение на Министерството за образование и наука. Оттаму нагласуваат дека конечните резултати се доставени до училиштата и истакнати на јавно место.
Екстерниот дел од државната матура се реализираше на 11 и на 13 јуни во 86 средни училишта. (Ж.Х.З.) |