Приведени браќата Миладинови за малверзации со „Изгрев“
Полицијата приведе 16 лица поради измами, перење пари и злоупотреби што се проценуваат на шест милиони евра
Познатите струшки бизнисмени, браќата Ѓорѓи и Димитар Миладинови, сопственици на фабриките „Кимико“ и десетмина нивни соработници се приведени поради малверзации при продажбата на хотелот „Изгрев“. Тие вчера беа изведени пред истражен судија во Скопје за да дадат исказ. Полицијата поднесе кривични пријави против вкупно 16 лица, меѓу кои има судии, адвокати, нотари, референти, стечајни управници и сопственици на приватни фирми. Приведените се осомничени за измама при добивање кредит, перење пари, злоупотреба на службена положба и фалсификување исправи. Според МВР, косопствениците на ДОО „Миладинов“, браќата Миладинови, од 2002 до 2008 година нелегално се стекнале со имотна корист од околу шест милиони евра. За толку, смета полицијата, биле оштетени ЛХБ банката и акционерите на АД „Изгрев“.
„Приведени се десет лица, тројца со покана се повикани да се јават кај истражен судија, а по две лица полицијата се' уште трага. Едно лице директно ќе биде повикано од страна на Обвинителството“, информираше вчера министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска.
Таа објасни дека во текот на 2008 година МПЦ преку Берза ги откупила акциите на хотелот „Изгрев“ и станала доминантен сопственик. „Отворена е стечајна постапка поради лошото работење на хотелот, а во стечајниот совет се и тројцата пријавени судии во Основниот суд во Струга“, вели Јанкулоска. Потоа, без да се утврди сопственоста на хотелот, се преземени активности за негова продажба. Биле спроведени две лицитации, за кои не е пронајдена никаква документација, за третиот пат во непосредна спогодба АД „Изгрев“ да се продаде на браќата Миладинови, со што, според МВР, се стекнале со имотна корист од над 90 илјади денари.
Со цел да може да се изврши промена во катастарот, односно АД „Изгрев“ да се пренесе во сопственост на „Миладинов“, стечајната управничка доставила барање до Основниот суд во Струга за утврдување на сопственоста над хотелот врз основа на градба. Со пресуда на судот, во катастар хотелот бил евидентиран како сопственост на АД „Изгрев“, иако фирмата е во стечај. Потоа бил направен нотарски акт, со кој сопственоста е префрлена на ДОО „Миладинов“, а хотелот бил даден под хипотека во ЛХБ банката од Франкфурт и бил земен кредит од четири милиони евра, со грејс-период од 36 месеци.
Иако кредитот не бил вратен, Миладинови, наводно, склучиле уште еден договор за кредит во износ од еден милион и 200 илјади евра и повторно хотелот бил даден под хипотека. Во 2006 година со лажирани документи за наводно вратени кредити на ЛХБ банка, бил подигнат и хипотекарен кредит од НЛБ Тутунска банка во износ од еден милион евра. Парите во повеќе наврати се префрлани на фирми и лични сметки, во сопственост на четири други лица за да се прикрие вистинското потекло на парите, говорат сознанијата на МВР.
Приведувањето на браќата Миладинови и на другите осомничени доаѓа кусо време по обелоденувањето на информацијата дека Скопската епархија на Македонската православна црква уплатила 1,5 милион евра, на колку што е проценет струшкиот хотел „Изгрев“. На лицитацијата која се случи пред дваесетина дена, МПЦ излезе со најдобра понуда и со тоа успеа да ја поврати сопственоста врз хотелот „Изгрев“. Браќата Миладинови извесно време беа предмет на интерните истраги што за нив ги водеа Јавното обвинителство и Дирекцијата за спречување на перење пари, а во врска со промената на сопственичката структура на струшкиот хотел „Изгрев“. Во однос на можноста истрагата да се прошири и на припадници на МПЦ, министерката Јанкулоска нагласи дека во досегашната анализа се документирани кривични пријави против 16 лица, но секогаш постои можност за проширување на пријавата доколку тоа биде побарано од јавниот обвинител. (Д.Т.- Љ.С.) |