Серискиот убиец ги касапел телата на охридските дилери на девизи
Според вештачењето, жртвите биле убивани на најсвиреп начин и им биле сечени делови од телата
Симон Илиески
ОХРИД – Охридските дилери на девизи биле убиени на најсвиреп начин. Откако му го одзел животот на уличниот дилер Трајче Цоцески, убиецот со удари по главата го масакрирал горниот дел на телото и му го извадил срцето, кое не било пронајдено во распарченото тело. Ова се само дел од морбидните детали од вештачењето од обдукцијата на мртвото тело на Цоцески, кое пред Основниот суд во Охрид на вчерашното продолжување на процесот го презентираше Митре Нечевски, специјалист по судска медицина. За смртта на Цоцески, како и на уште неколкумина дилери на девизи, е обвинет охриѓанецот Лазо Радески, кој по обидот да се самоубие пред две недели, вчера се појави на судењето во судот во Охрид.
Во вештачењето стои дека Цоцески бил убиен со тврд предмет со сечило, зашто на главата имало многу отворени рани и пукнатини на черепот, што биле причина за смртта. По настанувањето на смртта со пила или со сличен предмет, на Цоцески му бил пресечен вратот, кој висел само на 20 сантиметри од кожата, а потоа убиецот му пресекол и дел од градниот кош. Со тврд предмет и силни удари посмртно му биле скршени клучната коска, едно ребро и двете лопатни коски.
Во вештачењето од обдукцијата на телото на Спиро Ставрески стои дека кај него, исто така, смртта настапила од повеќе удари во главата со тврд предмет, при што на неколку места му бил скршен черепот. При обдукцијата не можело да има и други сознанија зашто кога го пронашле и кога го донеле телото, било во распаѓање.
На процесот сведочеа и Осман Ќазим и Александар Ангеловски, вработени во сервисот за миење возила во која Лазо Радески минатата година го однел на миење својот автомобил. Сведокот Ќазим рече дека на предниот дел на автомобилот на подот кај совозачот имало крв и тој рекол дека не сака да ја чисти. Радески му рекол дека тој е ловец и дека уловил дивеч, па потоа со сунѓер сам зел и ја исчистил крвта. Потоа, Ќазим ја исчистил внатрешноста, а Александар Ангеловски надворешноста на автомобилот. Тие не ги знаеја прецизните датуми кога дошол Радески да го мие автомобилот, но тоа се совпаѓа со времето кога исчезна дилерот со девизи Спиро Ставрески. Сведочеше и Весела Гогова, сосетка до дуќанот каде што Радески ги вршел убиствата. Таа рече дека Спиро донесол 150 евра за да размени, ги оставил девизите, но не се вратил да си ги земе денарите. Таа му рекла на соседот Радески ако го види Спиро, да му рече да дојде кај неа и во неколку наврати го барала по мобилен телефон дента пред да исчезне.
Додека траеше судењето, обвинетиот Лазо Радески го следеше со смирен поглед и без никакви реакции од што се добиваше впечаток за човек кој првпат ги слуша грозоморните детали за убиствата на уличните дилери со девизи. Тој на минатото рочиште не беше донесен во судот во Охрид поради депресивната состојба во која се наоѓал и обидот да си го одземе животот со пиење антидепресиви во Истражниот затвор во Скопје.
Судскиот процес против Лазо Радески, обвинет за убиствата на уличните дилери со девизи Трајче Цоцески, Спиро Ставрески и Ракип Раим од Охрид, продолжува на 20 јануари идната година со презентирање на уште две вештачења и распит на неколку сведоци. |