Проститутките им го јадат ќарот на таксистите
Битолските такси-превозници се жалат дека патничките што ги возат се' почесто место пари им нудат секс
БИТОЛА - Битолските таксисти се жалат дека проститутки и наркомани им ја јадат дневната заработувачка. Иако нивната приказна навидум изгледа наивна, сепак, уверуваат дека ниту еднаш досега не успеале да наплатат за превозот кога во нивното такси ќе влезе патник што се занимава со најстариот занает - проституцијата.
Таксистите од градот под Пелистер веќе направиле и топ-листа на категориите муштерии што би сакале најмногу да ги превезуваат. На прво место како најфер ги ставаат пијаниците.
Возејќи се со возило на една од регистрираните такси-компании во Битола го слушам разговорот меѓу возачот и диспечерот преку радиостаница.
Диспечерот прашува: „Успеа ли да наплатиш?“. „Пак иста работа“, вели возачот и продолжува: „Место пари, девојката ми понуди секс“.
Разговорот ја поттикна новинарската љубопитност и разговорот продолжи. Средовечниот таксист, кој вели дека е поранешен ткајач во пропаднатиот текстилен комбинат „Битолатекст“, се жали дека во своето десетгодишно искуство како таксист никогаш не се нашол на поголема мака да наплати за сработеното отколку во последната година.
Без оглед дали станува збор за дневна или ноќна смена, таксистите во градот никако не успеваат да наплатат кога во автомобилот ќе им влезе проститутка или, пак, наркоман, особено ако е под дејство на дрога или алкохол.
„Не можам веќе да бројам колку пати не' наседнале на истата финта. Во автомобилот влегува девојка облечена како и секоја друга и по ништо не потсетува дека би можело да се занимава со проституција. Сега секоја жена носи длабоко деколте и мини-здолниште. Ја возам до бараната дестинација и на крај место пари ладнокрвно ми вели: ’Мајсторе ја имаш ли сефтосано колата со женска. Пари немам да ти платам, може секс или ќе честиш?‘
’А бре чупе со секс струја не се плаќа‘ - и велам јас“, раскажува таксистот, револтиран што не успеал да наплати. Веднаш пресметува дека на подолги тури понекогаш тој и неговите колеги губат дури и по илјада денари дневно, што за нив најчесто е заработувачка за два дена работа.
„Децата дома чекаат леб, а тој треба чесно да се заработи. Истовремено не сакам да бидам кусок кај газдата, најголем дел од нас возиме за плата, а не со свои автомобили, па, ете ќарот од работата пак друг ни го јаде“, се жали таксистот.
Не само овој наш соговорник, туку и други такси-возачи од Битола потврдуваат дека се нашле во иста или уште полоша ситуација. Триесет и седумгодишниот Горан вели дека навечер, кога со колегите ќе добијат повик од мобилен телефон за да земат патник од улицата „Железничка“ во Битола или, пак, од пред автобуската станица, веќе им е јасно дека тешко ќе наплатат за услугата.
„На новата обиколница ’Железничка‘ во последно време има многу, редица проститутки. Тука минуваат камионџии од Грција и од цела Македонија, така е и на патот што од Битола води кон грчка граница. Девојките бараат да ги разнесуваш де кај муштерии, де на обиколницата Битола - Охрид кај тунелот. И ниедна не вади пари да ти плати за услугата, туку ти кажуваат за својата тарифа, дека за 15 минути секс наплатувале по 150 денари. Ама ете вечерта не успеале да заработат. И што ќе правиш со нив? Од оваа практика не се исклучок ни хомосексуалците. Ако клиентот им плати -добро, ако не рака в џебот не ставаат“, вели битолчанецот Горан, жалејќи се дека нивната работа станува премногу ризична.
„Да не даде Господ да превезуваш наркоман, не само што не плаќаат, туку лесно вадат и нож. Животот ни го ставаат во опасност, па ќе речеш ако не сака - нека не дава пари, само главата да ја спасиш. А да не зборуваме за случаите кога муштериите се обидуваат нас да не' ограбат“, раскажува ��аксистот.
Шегувајќи се на својата мака, таксистите велат дека со колегите направиле топ-листа какви муштерии најмногу би сакале да превезуваат.
„Ако ги исклучиме граѓаните што чесно плаќаат за превоз, тогаш најфер како муштерии се пијаниците. Е, тие плаќаат и повеќе отколку што треба, ако треба цел паричник ќе го испразнат. И тоа сум го искусил. А дарежливи се и вљубените мажи. За да се покажат пред девојката тие секогаш оставаат бакшиш или, пак, ќе дадат петстотини денари и не бараат кусур“, вели еден битолски таксист.
Во последните години во Битола се' почести се полициските акции на разоткривање на случаи со проституција и посредување при вршење проституција. Жртвите најчесто се млади девојки. Истражувањето од минатата година на една од граѓанските организации од Битола, спроведена меѓу 500 средношколци, покажа дека наивноста и отсуството на едукација се причините што младите девојки, па и момчиња лесно влетуваат во мрежата на проституцијата и трговијата со луѓе. Најчести жртви во синџирот на проституција се малолетнички од 13 до 15 години. (А.Б.) |