Приказни од нивата
Земјоделците имаат своја приказна за високите цени. Велат, се крева само фама дека ние се збогативме, кајмакот го собираат трговците и прекупците, кои владеат со пазарите на мало“. Оваа производна сезона била добра, но не и многу успешна.
„Пазарите се монополски места на прекупци, каде што тие се единствените што се офајдуваат. Секој производ го купуваат евтино, ставаат по 100 или 200 проценти маржа, па крајните потрошувачи плаќаат високи цени. Во целата ситуација и земјоделците и граѓаните се оштетени. На пример, на пазарите на големо во Струмица, „куртовската капија“ се продава од 15 до 18 денари килограм, а на пазарите на мало во Скопје нивната цена достигнува до 50 денари. Доматите ги продаваме по 30 денари, а во Скопје чинат 60 денари. Се работи за два или трипати повисока цена од набавната што ја плаќаат потрошувачите, а разликата оди во џебот на препродавачите. Земјоделците годинава не почувствуваа корист од високите цени на зеленчукот“, вели струмичкиот производител на градинарски култури, Данаил Паланков.
Според него, потрошувачите ја претставуваат годинешнава сезона како хепи енд за земјоделците, а тоа воопшто не е така.
„Сите на големо коментираат како земјоделците годинава се збогатија, а не е така. Цените на некои производи беа дури и пониски од претходните години, а и онаму каде што има добра цена тоа се пребива со пониските приноси. Нема веќе ќар во земјоделството“, тврди Паланков.
Слична перцепција на состојбите има и Ванчо Митев од струмичкото градинарско здружение „Еко градинар“.
„Сезонава беше добра, со оглед на тоа дека временските непогоди го редуцираа родот. Пролетниот дел на културите помина добро, но сега веќе цените не одат во прилог на земјоделците. Кајмакот и годинава го собираат трговците“, вели Митев.
Идетнично е размислувањето и на другите земјоделци.
|