Број 3376  понеделник, 06 септември 2010
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Мислења
Писма
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Хороскоп
Што прават денеска

Site Meter
Политика

Потонувањето на „Илинден“: една година потоа

Судењето на капетанот Сотир Филевски допрва треба да почне

Мики Трајковски

Охрид - Помина една година од бродската несреќа во Охридското Езеро кога потона бродот „Илинден“ и се удавија петнаесетмина бугарски туристи, а јавноста се' уште го очекува одговорот за причините за оваа катастрофа. Во се' уште незапочнатиот судски процес, единствено е обвинет 25-годишниот капетан на бродот, Сотир Филевски.

„Времето не ги лечи болката и тагата. Добрососедска Македонија, а особено Охрид и неговите граѓани ги споделуваат овие чувства со нас и тоа ни дава спокој за големата загуба пред една година“, рече вчера бугарскиот амбасадор во Република Македонија, Раковски Симеонов Лашев, на собирот во Охрид по повод годишнината од несреќата.

Лашев не сака да коментира за последните барања за три нови обвиненија што пристигнаа деновиве од Софија , ниту, пак, даде одговор на прашањето кога во Бугарија ќе започне обесштетувањето на семејствата на настраданите. Амбасад��рот очекува, како што рече, бугарските гости да продолжат да доаѓаат во Охрид.

Градските власти во Охрид со емоции зборуваат за бродската несреќа што се случи на 5 септември минатата година. „Не смееме да го заборавиме овој ден и жртвите во стравотната несреќа, но и спасителите благодарение на чија присебност беа спасени многу животи“, рече претседателот на Советот на Општина Охрид, Душко Јаковчески, на поменот на жртвите, што се одржа во охридската црква „Свети Никола - Ѓеракомија“.

Општина Охрид, Здружението на граѓани „5 Септември“ од Охрид, Ротари клубот „Пирдоп“ од Бугарија и Ротари клубот „Охрид“ вчера заеднички ја одбележаа годишнината од трагичниот настан. Пред автокампот „Елешец“, во чија близина потона бродот, преставници на општините Охрид, Антов и Пирдоп од Бугарија, од каде што беа настраданите туристи, положија цвеќе градоначалниците и членови на семејствата на загинатите. Откриена е и Спомен-плоча во градскиот парк во Охрид.

Градоначалникот на Охрид, Александар Петрески, ги повика министерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески, и првиот човек на Охридската ка��етанија, Љупчо Настоски, да дојдат и да ги пречекаат роднините на трагично удавените бугарски туристи.

Бродот „Илинден“, кој превезуваше 56 туристи иако максималниот капацитет е 43, потона лани на 5 септември во 10,35 часот на околу 200 метри од брегот во близина на плажата Елешец. Прва помош на патниците им укажаа бродовите „Александрија“ и „Кристина“, кои беа во близина и чија брза интервенција спречи уште поголема катастрофа. Петнаесетмина патници го загубија животот, а 42 лица, меѓу кои и двајца членови на екипажот, ја преживеаја несреќата.

Истрагата траеше повеќе месеци и се очекува наскоро да започне судскиот процес. Засега единствено се обвинети младиот капетан на бродот, Сотир Филевски, за кого судењето се очекува да започне до крајот на септември и овластениот претставник на германската компанија „Лојд“, Бранко Баиќ, кој го извршил техничкиот преглед на пловилото. Филевски и Баиќ се обвинети за предизвикување тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот.


#
Статијата е прочитана 643 пати.

Испрати коментар
Најди! во Утрински
Политика
„Кинескиот ѕид“ споменик на урбанистичката мафија
Жените и мажите вареа зрели смокви
Осомничениот за трикратното убиство заврши во Шутка
Три стипендии за студии на Кембриџ