Жените и мажите вареа зрели смокви
Вчера на ракометното игралиште во Гевгелија се одржа традиционалната „Смоквијада“ на која мажите и жените од овој крај рамноправно се натпреваруваа во варење слатко од зрели смокви. На 15 огништа, вкупно 30 натпреварувачи ги докажуваа своите вештини во подготовка на слатко од зрели смокви, карактеристични за гевгелиското поднебје и, воопшто, за југоисточниот регион. За најдобри беа прогласени Фроса Карашабанова и Ленче Урдинова од Богданци. Додека натпреварувачите го вареа слаткото, бројните посетители уживаа во солените и слатките специјалитети што ги подготвија готвачите од казината „Фламинго“ и „Аполонија“. И оваа четврта смоквијада се одржа во организација на здружението на граѓани „Тера“ од Гевгелија. (Е.П.)
|