Петмина македонски автори ќе изложуваат во Бугарија
Во организација на Културниот информативен центар од Скопје и Културно уметничкото друштво „Зора“ од Ќустендил, Бугарија во уметничката галерија „Владимир Димитров – Маистора“ од Ќустендил, денеска со почеток во 18 часот ќе бидат отворени две изложби на автори од Македонија.
Во една од галериите ќе биде претставена изложбата на слики под заеднички наслов „Јазикот на боите“ на младата реномирана авторка Дита Старова и веќе докажаниот современ сликар Нехат Бекири, кои за прв пат ќе се претстават со заеднички проект пред бугарската публика.
Со изложбата на фотографии „Три исти спротивности“ ќе се претстават трите млади авторки Христина Зафировска, Билјана Ангелеска и Александра Петкова, кои со својот потенцијал и ангажман се докажаа пред македонската ликовна и културна сцена и пошироко, избегнувајќи ги рамките на традиционалните критериуми и претставувајќи ја својата индивидуалност преку делата. (Н.П.) |