Пратеникот Талат Џафери тврди дека не поттикнувал насилство во Тетово
Во тетовскиот суд се интензивирани расправите за изборните инциденти од 2008, а наскоро се очекуваат пресуди
Гојко Ефтоски
ТЕТОВО - Пратеникот на ДУИ, Талат Џафери, тврди дека не поттикнувал насилство во Тетово. Пред Кривичниот совет на Основниот суд во Тетово вчера Џафери изјави дека минатата година, во пресрет на вонредните парламентарни избори, на настанот кај монополот во Тетово ја смирувал толпата.
Ова е само еден од случаите на изборни нерегуларности за кои се води постапка во Основниот суд во Тетово. „Утрински весник“ дознава дека во овој суд се интензивирани судските расправи за изборните инциденти од 2008 и дека наскоро се очекуваат првостепени пресуди по сите предмети за кои истражната постапка е завршена и веќе е поведено обвинение.
На вчерашниот претрес пратеникот на ДУИ во својство на обвинет енергично демантираше дека е сторител на две кривични дела како што се товари, односно за учество во толпа и спречување службени лица во вршење службени дејства.
„Јас го опишав настанот што се случи на 29 мај 2008 година кај монополот во Тетово веднаш по предизборниот митинг на мојата партија ДУИ. Имав можност да го кажам тоа и пред судијата и пред Судскиот совет. И сведоците што дадоа искази потврдија дека не сум вмешан. Навистина не знам зошто е поведено обвинение против мене. Имам пратенички имунитет, но јас не го користам затоа што сакам да ја докажам вистината“, изјави Талат Џафери по завршувањето на вчерашното судење.
Главниот претрес во случајот со пратеникот на Демократската унија за интеграција продолжува по еден месец. За тогаш се поканети уште девет сведоци, речиси сите полицајци за кои судот во Тетово имаше докази дека се уредно поканети, а не дошле на претресот. Затоа судот донесе решение со кое ќе побара од тетовската полиција зошто се приведени вечерта кога се случи настанот.
Во Основниот суд во Тетово за инциденти сврзани за минатогодишните избори обвинение има уште за еден пратеник, Вулнет Амети, исто така, од ДУИ за кого се' уште не е утврден датум за почеток на судењето.
Томислав Бошковски, в.д. претседател во судот во Тетово, вели дека има 20 предмети за инциденти поврзани за ланските парламентарни избори кои се случија на гласачки места или во нивна близина, а во кои биле замешани 78 лица. Веќе биле донесени три пресуди во првостепена постапка и изречени затворски казни.
Фадил Арслани од Жеровјане е осуден на шест месеци затвор, а Шефки Салиу од Камењане на една година. За инцидентот во Раковец, кога беше нападнат конвојот на ДУИ и пукано во возилата, меѓу кои и во џипот на лидерот Али Ахмети, Вулнет Џелили е осуден на 4 години и 10 месеци затвор, додека Фарук Илјази на две години. Сите четворица имаат поднесено жалби до Второстепениот суд. Се води постапка за 14 предмети во кои се инволвирани 54 лица, а за три случаи со 20 осомничени истрагата е во завршна фаза.
За мешаниците и пукањата кај тетовски Монопол на 29 мај ланската година судска постапка се води и за Бекир Асани (34) од скопско Арачиново, обвинет за кривични дела насилство и учество во толпа. Според обвинението, Асани го нападнал полицаецот Самир А. На главниот претрес сведокот го измени својот исказ, тврдејќи дека не е тоа лицето што го нападнало и што му вперило пиштол на терасата кај кафеаната „Тирана“.
Дека сведоците менуваат искази од постапка во постапка се потврдува и со инцидентот на денот на гласањето во ОУ во Камењане. Тогаш имало и пукање во таванот на училиштето за што Бесир Беари, актуелен директор на „Македонски железници“, и Самет Исмаили беа осомничени за кривично дело спречување избори и гласање. За овој случај имало и предлог за притвор, но не бил прифатен. Подоцна, поради недостиг од докази, постапката за Беари и Исмаили е запрена, а за истиот случај била проширена за пет други лица од Камењане: Африм Рамадани (34), Самир Салиу (26), Јетмир Абдули (24), Абдираман Имери (28) и Алим Фетахи (31).
На главниот претрес сведоците, меѓу кои и градоначалникот на Боговиње, Невзат Елези, изјавија дека биле повикани да сведочат за други лица, а не за петтемина обвинети. Сведокот Мујдин Исмаили уште и со укажување дека во текот на истрагата изјавил оти во училиштето во Камењане пукале други луѓе, а не некои од петтемина што дополнително се обвинети. Исмаили побарал во натамошната постапка да биде изземен, бидејќи бил во блиски роднински врски со Африм Рамадани. Судскиот расплет за овој случај се очекува на 16 март. |