Општина Кисела Вода ќе аплицира за средства од Центарот за скопски плански регион за нов водовод на потегот од „Усје“ до Драчево. Целта на проектот „Изработка на техничка документација за изведба на нов паралелен водовод на постојниот азбестен од Цементарница ’Усје’ до Драчево“ е да се обезбеди проектна документација за изведба на нов водовод паралелен на постојните азбестни цевки. Одлуката за апликацијата ја донесе Советот на Општината, кој истовремено одлучи да учествува во проектот со 10 отсто од потребните средства. Партнери во проектот на Кисела Вода ќе и' бидат општините Зелениково, Аеродром и Студеничани.
Општинарите објаснуваат дека потребата од проектот е резултат на актуелната состојба на терен со постојниот водовод, кој предизвикува нарушување на условите за живот поради азбестните цевки. (Дс.Т.)