Четиринаесет странски фирми сакаат да ги градат трамвајските шини
Бројот на заинтересираните за изведба на трамвајскиот систем ќе биде познат денеска
Четиринаесет странски фирми до вчера попладнето доставиле понуди на тендерот на кој градските власти бараат изведувач за трамвајското депо, за изградба на првите три километри од шинскиот систем, како и фирма која ќе достави понуда за набавка на пет трамвајски возила. Сепак, конечниот број на заинтересираните ќе биде познат денеска напладне за кога е закажано отворањето на понудите, до кога автоматски и истекува рокот за доставување на тендерската документација. Неофицијално се очекува да пристигнат уште понуди со оглед на бројот на подигната документација. Според неодамнешните најави од Градот, пресудно за изборот на најповолниот понудувач ќе биде понудената цена.
Разгледувањето на понудите, кое ќе биде јавно, ќе се одржи и покрај предупредувањата на Антикорупциската комисија до градоначалникот Трифун Костовски дека доколку потпише договор со избраната фирма, ќе отвори простор за поведување кривична одговорност против него. Антикорупционерите иако минатата недела повторно го предупредија Костовски за можните последици, тој не се откажува од проектот убеден оти сите преземени чекори во врска со него се во согласност со законите.
„Нашиот став не е променет. Градот Скопје ги испочитува сите закони врзани со подготовката на проектот и со распишувањето на тендерот за негова изведба. Утре очекуваме отворање на понудите по што ќе следува периодот на евалуација“, рекоа вчера накусо од Градот од каде што не сакаа да калкулираат со евентуални термини за потпишување на договорот со најповолниот понудувач. Пред се', тоа ќе зависи дали по конечниот исход од тендерот некоја од фирмите ќе поднесе жалба. (Дс.Т.) |