Затворите како пансиони
За три и пол месеци се случија 16 бегства од казнено-поправните домови во земјава
Масовни бегства од македонските затвори во изминативе неколку месеци. Полицијата уште не успеа да ја најде групата малолетници што избегаа од Воспитно-поправниот дом во Тетово пред една недела, кој е привремено сместен во Велес, а веќе се случи ново бегство. Тројца малолетници од Гевгелија, Скопје и од Прилеп завчеравечер го напуштиле домот и избегале во непознат правец. Полицијата цела ноќ вршела проверки во околната населба, ги затвориле излезите на градот и ги пребарувала возилата, но нема ниту трага ниту глас од трите момчиња.
Поради последното бегство и пропусти во обезбедувањето, надлежните ги суспендираа заповедникот во Секторот за обезбедување, како и четворица надзорници што биле задолжени за малолетните престапници во домот.
„Тие со непочитување на правилата за вршење на службата овозможиле тројцата малолетници, на кои им е изречена воспитна мерка за извршени кражби, околу 18,30 часот незабележано да се оддалечат од Отворениот дел на ВП домот ’Тетово’“, соопштуваат од Управата за извршување санкции при Министерството за правда.
За три и пол месеци ова е 16 бегство од затворите во земјава. Неколкумина од бегалците полицијата успеа да ги пронајди и да ги врати повторно зад решетките. Но, поголемиот дел од притворениците и осудениците се' уште шетаат на слобода. Поради пропусти во обезбедувањето на затворите, десетина надзорници се најдоа под истрага и против дел од нив беа поведени дисциплински постапки, а за директорот на тетовскиот затвор беше поведена и постапка за разрешување поради минатонеделното бегство на четворица притвореници.
Која е разрешницата на овие случаи и што ќе преземат надлежните за да го запрат трендот на масовни бегства од казнено-поправните установи, вчера не успеавме дознаеме. И покрај нашите обиди, не можевме да стапиме во контакт со првиот човек на затворите, директорката на Управата за извршување санкции, Лидија Гаврилоска.
Само за потсетување, двајца затвореници пред неколку дена беа фатени при обидот да избегаат од најголемиот затвор „Идризово“. Казнено-поправната институција, за која што се тврди дека е една од најобезбедните во земјава, се обиделе да ја напуштат прерипувајќи ја затворската ограда. Припадници на „алфите“, кои случајно минувале тука, го осуетиле планот на бегалците и ги фатиле во последен момент.
Се' уште нема трага ниту од двајца притвореници од тетовскиот затвор што избегаа неодамна. Проблемите со струјата во градот, групата од четворица притвореници го искористиле за да ги отворат катанците од затворските врати и да се изгубат во темницата. Еден од нив веднаш беше фатен, а пред два дена полицијата го приведе и вториот од бегалците. По останатите двајца е распишана потерница. Едниот од нив е осомничен за тешки кривични дела – грабнување и силување!
И битолскиот затвор се најде во полициските билтени откако љубоморен затвореник го фатил патот под нозе и заминал од ќелијата за на слобода да ги расчистува несогласувањата со сопругата. Неговата храброст отишла до таму што се јавил во затворот и им кажал дека ќе се врати штом ќе ги реши семејните несогласувања. Во долгата листа на бегалци се најдоа и албанскиот државјанин Астрит Фета, кој избега од тетовскиот затвор, а е осомничен за убиство, како и двајца затвореници од Идризово, од кои едниот е осуден за тероризам. (Д.Т.) |