„Весна - САП“ промовира нов хибриден акумулатор
Фабриката во Пробиштип целосно ја изменила технологијата
Штип - Нов, хибриден акумулатор, кој е во согласност со најновите трендови на акумулатори во светот и кој ги задоволува и најстрогите барања на новите генерации автомобили - беше промовиран во Пробиштип. Овдешната фабрика за стартер-акумулатори „Весна - САП“ првата промоција на својот нов производ ја имаше пред неполн месец на саемот на автомобили во Белград, а минатиот петок хибридниот акумулатор ја имаше и својата македонска промоција пред околу седумдесетина деловни партнери на оваа компанија.
Тоше Тошевски, директор на единствениот македонски производител на акумулатори, вели дека фабриката во Пробиштип последниве години целосно ја изменила технологијата со идеја да се добие производ со врвни светски карактеристики. Во осовременување на технолошкиот процес „Весна - САП“ само минатата година вложила над половина милион евра.
„Времето си го прави своето. Многу работи во технологијата на акумулаторската индустрија се сменија и ние мора да бидеме во чекор со светските процеси ако сакаме да опстанеме, но и да се развиваме на пазарот. Новиот хибриден акумулатор, кој на пазарот се појавува под името ’весна‘ е приспособен кон потребите на новите автомобили што ги има се' повеќе во државите во кои ги пласираме своите производи. А тоа се бившите ЈУ-републики, Италија, Бугарија, Албанија, Полска, Грција“, вели Тошевски.
Според искажувањето на Сашо Наневски, раководител на фабриката, хибридниот акумулатор се одликува со поголема стартна струја, со помалку вода за одржување и со подолг век на траење. „Просечниот век на траење на нашите акумулатори е 5,1 година. Годинава планираме производство на 300.000 акумулатори“, потенцира Новевски.
Својата развојна филозофија „Весна - САП“ ја темели и на потребата со поголема продажба да се амортизира ударот од високите цени на оловото, кои на светската берза достигнаа цена од близу 2.500 долари за тон.
Директорот Тошевски потенцира дека денес многу тешко се добиваат поволни кредити од нашите банки, условите се затегнати, а каматите високи.
Но, годинава фабриката е влезена во програмата за добивање средства од Банката за поддршка на развојот и тоа би можело да ги олесни работите во секоја смисла. (И.Б.) |