Се трошат последните резерви на игли и шприцови
На неколку клиники вчера им биле поделени само по десетина кутии
Јасмина Јовановска
На клиниките се трошат последните резерви на медицински игли, шприцови, катетери, сетови за инфузија. Денови се во прашање кога поголем број од клиниките може да останат без основниот медицински материјал. Во таа ситуација ќе биде невозможно аплицирање на лековите или изведување на дијагностичките процедури. Клиничката аптека им сугерирала на клиниките да бидат поекономични во трошењето на потрошниот медицински материјал. Така, на пример, некои клиники веќе биле принудени да побараат од пациентите сами да набават катетери за мокрење.
Најкритично е со медицинските игли. Кризата била надмината вчера, а добрупатени извори велат дека тоа е за кратко време. Во петокот била нарачана помала количина игли, и како што дознаваме, на неколку клиники вчера им биле поделени само по десетина кутии. Овие количини, според клинички извори, се доволни колку да се изгасне пожарот од недостиг на овој медицински материјал и за да не се случи воопшто да го нема, па пациентите сами да купуваат игли за примање на терапијата.
Никој од директорите не сака јавно да зборува како клиниките стигнале до ова. Според неофицијални извори, клиниките велат дека тие редовно плаќаат за овој потрошен медицински материјал. Имено, Заеднички служби набавува медицински материјал за клинички потреби, но не се знае колку. Истите извори велат дека долгот за медицинските игли и за шприцовите е голем. Имало закани од добавувачите дека повеќе нема да даваат на вересија, бидејќи Заеднички служби не платиле за набавките повеќе од шест месеци, а долгот постојано се зголемувал.
Директорката на Заеднички служби, Шкодране Дердишта, вчера не сакаше да даде објаснување за овој проблем. Дердишта излезе со образложение што го пренесе секретарката дека изјавите се злоупотребуваат и за��оа за „Утрински весник“ повеќе нема да даде изјава, иако досега и нема дадено изјава.
За проблемот во комуникацијата и непрофесионалноста на Дердишта е запознат и министерот за здравство, Бујар Османи. |