Брoj 2673  вторник, 29 април 2008
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Едиторијал
Анализа
Мислења
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Време
Хороскоп
Што прават денеска

Претходен број


Site Meter
Економија

Кралот на челикот, Индиецот Лакшми Митал, најбогат во Велика Британија

Неговото богатство се проценува на 27,7 милијарди фунти, или приближно на 36 милијарди евра

Од нашиот дописник
Томислав Ивановски

ЛОНДОН - Кралот на челикот во светот, Индиецот Лакшми Митал (57), е најбогатиот човек во Велика Британија, покажува годинешната листа на супер-богаташите во земјата, што по традиција ја составува неделникот „Сандеј тајмс“. Неговото богатство се проценува на 27,7 милијарди фунти, или приближно на 36 милијарди евра. За само една година, богатството на Митал е поголемо за дури осум милијарди фунти (10,1 милијарди евра), а таквиот пораст се објаснува со приклучувањето на европската компанија „Арчелор“, вториот по големина производител на челик во светот, кон неговото кралство, како и со постојаниот пораст на неговите дивиденди. Со приклучувањето на „Арчелор“ кралството на челикот на Митал вреди дури 57,2 милијарди, а тој и неговото семејство имаат 43 отсто од акциите. Митал сега настојува да ги преземе и компаниите што ги поседува неговиот брат Прамод, како што е железницата Кремиковци, во Бугарија. Тој има индиски пасош, но најголем дел од времето го минува во Лондон, каде што има и голема куќа во отмениот кварт до паркот Кенсингтон. Заедно со Берни Еклстон и Фавио Бријаторе, Индиецот е акционер и на лондонскиот второлигаш Квинс парк ренџерс, но без амбиции клубот да биде дел од големата четворка на Премиерлигата, а важи и за донатор на британската Лабуристичка партија, уште додека Тони Блер беше нејзин лидер. На листата на најбогатите, која се објавува од 1989 година, Лакшми Митал првпат се појави (како трет, со вредност од 2 милијарди фунти) во 1998 година.

Втор на листата на најбогатите во Британија е уште еден странец, рускиот тајкун Роман Абрамович (41), меѓу Британците најпознат како сопственик на фудбалскиот клуб Челзи, чие богатство е проценето на 11,7 милијарди фунти. Иако далеку заостанува зад моќта и богатството на Индиецот, Русинот кој почнал продавајќи пластични играчки од својот стан, за една година го зголемил богатството за „скромни“ (во однос на најбогатиот на листата) 900 милиони фунти. Абрамович, кој по разводот со својата поранешна сопруга Ирина (таа со богатство од 150 милиони фунти е на 516 место меѓу илјада најбогати во Британија), живее со една многу помлада од него Русинка, има акции во „Евраз“, една од руските најголеми компании за челик, што се процену��аат на 6,2 милијарди фунти, како и во рудниците за злато во рударската компанија „Хајленд голд“.

Трет на листата е војводата од Вестминстер со богатство од седум милијарди фунти. Тој на оваа листа меѓу првите десетмина најбогати се наоѓа од почетокот, но е единствениот што своето богатство го има наследено, а не стекнато со секојдневното работење. Тој има имот и земјиште во Шкотска и Канада, а е сопственик на хотелската компанија „Гровенор Груп“, која само за една година има зголемување на профитот од преку половина милијарда фунти.

Меѓу другите 10 најбогати во Британија, се наоѓа само уште еден домашен бизнисмен, Филип Грин, сопственикот на синџирот на трговијата за текстилни производи „Топ шоп“ и БХС, кој е деветти со 4,3 милијарди. На листата, 40 милијардери меѓу првите 75 се странци, што кај создавачите на листата создава завист, особено што дел од британските милијардери и милионери годинава уште полошо стојат во споредба со претходното рангирање, главно поради економската стагнација во која се наоѓа земјата, поради глобалниот кредитен удар, како и поради падот на акциите во некои сектори.

Најголемиот дел од најбогатите во Британија, вкупно 762, самите, со својата работа, станале богати и многу богати, додека 238 го наследиле богатството и сега само го одржуваат и го зголемуваат. Нови на листата на најбогатите се уште неколку Руси, а пред се' Алисер Усманов, кој е најголем акционер и во фудбалскиот клуб Арсенал, покажувајќи така дека се повеќе тајкуни од Русија, без разлика дали се во лоши или добри односи со Кремљ, се одлучуваат да се преселат во Британија. На листата се наоѓа и еден монарх, тоа е британската кралица Елизабета. На годинешнава листа Елизабета Втора е на 264 место со многу скромно богатство од 320 милиони фунти.

Најбогат музичар е Пол Макартни чија „вредност“ се проценува на 500 милиони фунти, по него следува Мадона (заедно со сопругот Гај Ричи) со богатство од 300 милиони, па Елтон Џон и Мик Џегер со 225 милиони и Стинг со 200 милиони, стекнати не само од музиката, туку и од имотот од куќи и станови што ги има во Британија и во Европа. Кај фудбалерите Дејвид Бекам (со сопругата Викторија) и натаму е најбогат со 125 милиони фунти. На вкупната листа од 1.000 милијардери и милионери, семејството Бекам е рангирано на 616 место.


Статијата е прочитана 406 пати.

Испрати коментар
Најди! во Утрински
Барај со НАБУ
Економија
Владата со врзани раце за увоз на пченица
„Гранит“ лани остварил добивка од 5,4 милиони евра
„Фершпед“ со профит од 3,1 милиони евра
Нафтата со нов рекорд од речиси 120 долари