Владата со врзани раце за увоз на пченица

За увоз е неопходен ребаланс на буџетот, а тој не може да се донесе со распуштено Собрание
Александрија Стевковска
Во време кога голем дел од државите увезуваат пченица со цел да го пресретнат можното ново поскапување на овој основен прехранбен артикал на светските берзи, на нашата Влада целосно и' се врзани рацете да го преземе истиот чекор. Ова е период кога станува јасно дека е дојден крајот на евтината храна, па затоа многу земји стартуваа со интервентен увоз на пченица. Државите што ја произведуваат, пак, почнаа да го забрануваат нејзиниот извоз.
Нашата власт, пак, иако ја најави можноста за интервентен увоз на пченица, од друга страна, сама си ја блокираше таа варијанта поради распуштање на парламентот и техничкиот карактер на Владата, која не може да донесе одлука за увоз на лебно жито. Намерата на Владата за увоз на пченица била со цел да се обезбеди континуитет на производството на леб и задржување на сегашната цена на овој основен продукт, поточно спречување ново поскапување на пченицата и на лебот. Сепак, Владата заборавила да го информира Бирото за стоковни резерви за оваа своја замисла. Исто така, на власта не и' текнало дека за тоа е неопходно да се направи ребаланс на буџетот, што исто така не може да се реализира со распуштено Собрание и техничка Влада.
„Немаме добиено никаква информација од Владата согласно со која би почнале процедура на увоз на пченица, надвор од проекциите на Бирото за стоковни резерви“, вели директорката на Бирото, Гордана Ивановиќ.
Извори од Владата, пак, информираат дека набавката на нови количини пченица засега е невозможна поради политичкиот вакуум со распуштен парламент и техничка Влада.
Можната криза за пченица може да се спаси со резервите што ги има Бирото во своите силоси, иако никој не кажува колкави количини се на располагање и колкав период може да се покрие со нив, бидејќи станува збор за државна тајна и не смее јавно да се зборува за нив.
Според директорката на Бирото, нема шанси повторно да им се подели пченица на мелничките капацитети од државните резерви. „Деловната политика на секое претпријатие му налага тоа навреме да си набави суровини за работа. Не може некој цела година да чека помош од Бирото“, објаснува Ивановиќ.
Според неа, Бирото може да пушта стоковни резерви на пазарот само во вонредни услови на нарушување на пазарот од поголеми размери, на пример, во услови на елементарни непогоди.
Оваа изјава на директорката на Бирото за стоковни резерви практично е спротивна на акцијата на поделба на нерафинирано масло за јадење и пченица од Бирото за стоковни резерви во почетокот на март, чија цел беше да се намалат цените на основните прехранбени продукти. Тогаш Владата донесе одлука за пуштање на пазарот од стоковните резерви, иако не постоеја некои вонредни услови, освен константното поскапување на храната. Пред околу два месеца со јавно наддавање мелничарите и производителите на зејтин се снабдија со 2.000 тони нерафинирано сончогледово масло и 20.000 тони пченица, по цени за околу 20 отсто пониски од оние на пазарот. Уште тогаш претставниците на мелничко-пекарската индустрија и производителите на зејтин најавија дека поделените количини може да им го покријат производството најдоцна до почетокот на мај, а тој период веќе изминува. Потоа тие најавија дека цените на нивните производи ќе зависат од цените на суровините на светските берзи и од домашната жетва.
Министерот за земјоделство, Ацо Спасеноски, предупреди дека цените на храната ќе продолжат да се зголемуваат на светските берзи и понатаму, па токму поради тоа Владата, во случај на евентуален недостиг на домашниот пазар, навреме треба да биде подготвена и да знае од каде може да увезе евтина пченица и добиточна храна.
Странските експерти најавуваат дека времето на евтина храна заврши, а како главни фактори за зголемување на цената на храната се наведуваат зголемените цени на енергенсите, производствените трошоци, преструктурирањето на земјиштето од обработлива површина во урбана, производството на биогорива и климатските промени.
|