Се проширува дел од булеварот „Трета македонска бригада“
Проектот за проширување на раскрсницата ќе чини 12 милиони денари
Реконструкцијата на раскрсницата кај Тутунски комбинат продолжува со проширување на булеварот „Трета македонска бригада“, во делот кај основното училиште „11 Октомври“. Моментно екипите на градежното претпријатие „Маврово инженеринг“ работат на тампонирање на проширениот дел, каде што се поставуваат и нови рабници. По завршувањето на тампонскиот слој сообраќајницата ќе се подготвува за асфалтирање. Во меѓувреме, информираат градските власти, се очекува ЕВН да изврши санација на електричните кабли во близина на трафостаницата на потегот кој се реконструира. Проектот, кој Градот Скопје ќе го чини 12 милиони денари, ќе се реализира во фази, за да се избегне попречувањето на редовното одвивање на сообраќајот. Проширувањето, по асфалтирањето, ќе продолжи и од другата страна на булеварот, во правец од Центар кон Мичурин.
Проширувањето на раскрсницата кај Тутунски комбинат е услов за реализација на Јужен булевар и „Крушевска република“, кои се зацртани во Генералниот урбанистички план на Скопје. Како што информираат од Градот Скопје, неизвесно е кога и како ќе бидат изградени овие сообраќајници, а дополнителен проблем претставува и немањето детален план за овој дел од градот. Заради тоа, велат од Градот, за обезбедување на полесно одвивање на сообраќајот на овој потег се наметна потребата од проширување на раскрсницата. (С.Н.) |