Сообраќајките во изминатите две години одзеле 322 живота
Вкупно 322 лица ги загубиле животите во сообраќа��ни несреќи што во изминативе две години се случиле на патиштата низ земјава. Бројот на жртвите на патиштата е за четири и пол пати поголем од билансот на најтешкиот облик на криминалот - убиствата. Овие податоци вчера ги соопшти министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, во обраќањето на стручниот собир „Опасни места (црни точки) на патиштата во Република Македонија“, што го организираа Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патишта - РСБСП и МВР.
„Основната цел на МВР во 2010 година е да се намали бројот на загинати лица во сообраќајните несреќи за 10 отсто“, рече Јанкулоска.
Според податоците на МВР, изминатава деценија во земјава се случиле 1.317 сообраќајки со трагични последици, во кои загинале 1.496 лица, меѓу кои 87 се деца на возраст до 13 години. Јанкулоска потенцира дека во следниот период ќе засилат радарските контроли, контролите на непочитување на правилата за првенство на минување, за непрописно и неправилно престигнување, за неправилно паркирање возила, контроли на пешаци, велосипедисти, за злоупотреба на алкохол, дрога... „На подрачјето на Град Скопје успе��но се инсталирани 38 отсто од предвидениот број камери за контрола на сообраќајот“, велат од МВР.
Претседателот на РСБСП, Никола Ангеловски, рече дека до септември 2008 година има детектирано 169 црни точки на патиштата и оти во наредните години тие треба да се намалат. Според него, потребно е отстранување на несоодветно поставените билборди крај патиштата, осветлување на раскрсниците низ населените места и на патиштата. (Г.А.) |