Нема кој да го спаси лозарството
Пет општини од Тиквешијата бараат од државата да ги обесштети лозарите и да ги ослободи од плаќање надоместок за вода
Ангел Данов
КАВАДАРЦИ - „Државата да ги обесштети лозарите со шест денари за килограм несобрано лозје и да ги ослободи од плаќање надоместок за полевање на насадите. Координативното тело на терен ќе процени колку од родот е останат на нивите, а потоа ќе се бара обесштетување. Винарските визби да го почитуваат Законот за вино и за откуп на земјоделски производи, а во спротивно да бидат казнети“.
Ова е дел од заклучоците на советите на пет општини од Тиквешкиот регион, кои завчера неколку часа дебатираа на тема лозарство, а тие ќе бидат доставени до Владата. Заедничката седница на советниците на тиквешките општини не понуди одговор што ќе се случи со иднината на оваа гранка од која се хранат илјадници семејства. Јасно е само тоа дека лозарството е во голема криза, а оти нема кој да го спаси од пропаст.
Советниците од Кавадарци, Неготино, Градско, Росоман и од Демир Капија бараат од Владата да ги употреби сите механизми за да ги контролира винарниците при откупот на грозје. Според членовите на тиквешките општини, визбите не ги испочитувале цените за откуп на грозјето од реколтата 2009 и 2010 година, односно договорот што го постигнаа претставници на Владата, визбите и лозарите. Иако министерот за земјоделство бил поканет, сепак, не се појави на советничката седница.
Во барањето решенија за спас на лозарството од пропаст не се избегна политиката што ја имаше речиси во секоја дискусија. За дел од советниците седницата била задоцнета, лицемерна и маркетиншки трик.
„Со субвенцијата на визбите за откуп на 65 отсто од грозјето откупено лани Владата е директен соучесник во уништувањето на лозарството“, беше нагласено на седницата. Советникот Перо Митрев од СДСМ потенцира дека лозарите се чесни и работливи луѓе, а не социјални случаи. „На лозарите не им се потребни субвенции, туку решенија за долгогодишниот проблем со пласманот и со цените“, сугерираше Митрев.
Дел од советниците побараа да се прекине субвенционирањето за подигнување нови лозови насади, бидејќи со тоа се создава хиперпродукција на грозје.
„Ова е епидемија за која мораме да го бараме лекот. На производителите на грозје им е направено злосторство и злосторникот мора да одговара“, нагласи поранешниот прв лозар на „Агротиквешија“, Борис Давидов, член на кавадаречкиот Совет. Актуелниот претседател на „Агротиквешија“, Љупчо Аризанов, бара „државата итно да се справи со винската мафија“.
Речиси во сите дискусии како виновник за хаосот во лозарството беше посочена најголемата винарска визба во Македонија, „Тиквеш“. Советниците обвинија дека оваа визба создавала вештачка криза поради тоа што не го става на располагање целиот капацитет за откуп и преработка на грозје. „Газдата на ‘Тиквеш‘ купи огромен капацитет за да затвори повеќе од половина. Ја купи винарската визба ‘Винојуг‘ и ја затвори. Очигледна е неговата намера“, обвинија советниците.
Според советникот Ташо Радњански, државата треба да го плати родот што остана на нивите, по примерот на Грција која во лоши моменти го откупува родот од земјоделците. „Потребен е државен интервенционизам“, нагласи Радњански. Реплицираше претседателот на Советот на Кавадарци, Илија Тренчев, при што рече дека Светската трговска организација не дозволува државен интервенционизам.
Опозицијата критикуваше, а власта бараше од колегите-опозиционери да понудат конкретни предлози. Советник на владејачкото мнозинство од Росоман се пофали дека во тој атар состојбата со грозјето не била толку лоша. Според него, визба од Росоман имала потреба да откупи уште три милиони килограми грозје, а род немало. Возврати советникот на СДСМ од Росоман тврдејќи сосема спротивно, односно дека ситуацијата била далеку од розова.
И додека советниците бараат решенија, лозарите не знаат што да прават со родот. „Смедеревка“ скапува на нивите, а дождот не дозволува да се дособере родот. Огромна е штетата кај лозаропроизводителите. Стручњаците оценуваат дека нема спас за грозјето што се' уште е на лозите, односно тоа ќе пропадне поради обилните врнежи. Иако помина договорениот рок за исплата на ланското грозје и на родот од претходните реколти, од визбите нема најава кога ќе го доплатат долгот. Винарниците книжат нови обврски кон лозарите за грозјето од годинава.
Лозарите не се оптимисти дека државата ќе им даде обесштетување од шест денари за необраното грозје, како што побараа советниците. За време на протестите во септември вицепремиерот Владимир Пешевски од Кавадарци порача дека е неразумно да се даваат некому пари кој не би работел ништо. |