Унковски ќе режира во Државниот театар во Визбаден
Премиерата на претставата „Камен“, според текстот на водечкиот германски автор Мариус фон Мајербург, ќе се одржи на 2 октомври
На 2 октомври во Државниот театар на покраината Хесе, во Визбаден, Германија, македонскиот режисер Слободан Унковски ќе има премиера на претставата „Камен“, по најновиот текст на водечкиот германски современ драмски автор од средната генерација, Мариус фон Мајербург.
Претставата е продолжение на соработката на Унковски со еден од значајните германски театри, каде што пред неполни две сезони го реализираше текстот на Билјана Србљановиќ, „Скакулци“, а за кој доби неподелени комплименти од театарската критика и публиката.
Унковски е еден од ретките режисери надвор од германското говорно подрачје што е поканет да работи во Германија и во каталогот на театарот и во сите други публикации е претставен како автор од Македонија.
Инаку Hessisches Staatstheater Wiesbaden е голема театарска институција со повеќе ансамбли и со повеќе сали, која реализира преку 30 премиери годишно на драмската сцена, операта, балетот, театарот за млади и др. Театарот е организатор и домаќин на Биеналето на европска драма и на фестивалот „Мајфест“ каде се прикажуваат најдобрите претстави од европската продукција последните две години. Уметнички директор е режисерот и професор Манфред Белхарц, кој е и директор на Биеналето и на „Мајфест“, претседател на повеќе значајни европски театарски асоцијации и организации, некои од нив под високиот патронат на Обединетите нации - УНЕСКО.
На Биеналето на новата европска драма до сега се прикажани три претстави на Унковски, „Буре Барут“, со која е отворено Биеналето во 1996 година, „Другата страна“, обете по текст на Дејан Дуковски и „Шини“ на Милена Марковиќ.
Инаку, претставата „Камен“, во која играат Сузан Барт, Уве Краус, Дорин Никсдорф, Ева Марија Дамаско, Стефани Хелман и Франциска Вернер, додека сцената и костимите ги дизајнираше Ангелина Атлагиќ, а драматург е Карола Хануш, го опфаќа периодот од 1935 до 1992 година и говори за митовите на минатото и за криењето на вистината за злосторствата на нацизмот. Тоа е радикална и храбра анализа, направена не по хронолошки ред, на промените на состојбите на една куќа во Дрезден што е најнапред на едно еврејско семејство, потоа е грабната од еден нацист, преку катастрофалното бомбардирање на градот каде во неколку дена има над 30.000 загинати во последните дни на војната, и преку сите компликации на повоената поделена Германија. Судбината ги турка станарите од една во друга драма, од еден во друг политички систем, но тие повторно се враќаат назад и повторно е некој исфрлен и некој скоро насилно вселен таму...
По премиерата на „Камен“, Унковски ги продолжува пробите во ЈДП во Белград на Шекспировата комедија „Како што милувате“, а до крајот на оваа сезона треба да ја заврши и својата опера „Мандрагола“ по истоимената комедија на Макијавели, што ја напиша композиторот од Париз, Иван Јевтиќ. (Т.И.) |