23.09.2009, 16:45 Почина грандиозниот писател Коле Чашуле
Тој ќе остане запаметен како еден од најдобрите и најпродуктивните драмски писатели
Невена Поповска
На 88-годишна возраст, почина истакнатиот македонски раскажувач, романсиер, драмски писател и публицист, Коле Чашуле. Чашуле номинално и припаѓа на таканаречената прва генерација македонски писатели, онаа што ја доживеа, навистина ретката привилегија: да ги потпишува некои од првите книги напишани и објавени на штотуку кодификуваниот македонски литературен јазик.
Коле Чашуле е еден од иницијаторите за формирање на Друштвото на писателите на Македонија и во еден мандат претседател на писателската асоцијација, а беше и почесен член на Македонската академија на науките и уметностите.
Роден е на 2 март 1921 година во Прилеп. Основното училиште и нижа гимназија завршува во Прилеп, а државна реална гимназија во Битола. Учесник е во НОБ, уште од првите денови на востанието. Во 1938 година се запишува на студии по медицина на Белградскиот универзитет, од кога и активно е вклучен во комунистичкото движење. Во 1940 година од Белград во Скопје пренесува куфер со примероците на „Бели мугри“ и така го запознава Кочо Рацин. Чашуле бил дел од партизанските единици кои на 11 Октомври 1941 година ја нападнале полициската станица во Прилеп со што и практично почна востанието во Македонија. Во 1942 година е уапсен и осуден на смрт со бесење како организатор на атентатот на бугарски висок полициски функционер во Скопје. Подоцна казната е преименувана во доживотна робија и ја издржувал во скопскиот затвор Идризово, од каде во 1944 година организирал успешно бегство на повеќе од 300 осуденици, по што активно се вклучува во завршните воени операции за ослободување на Македонија. Искуството од тие денови пред востанието и по него, авторот ги запиша во книгата „Патот од себе си“, за која во 2006 година го доби Рациновото признание. На врачувањето на оваа награда Чашуле рече: „Ако ме слуша Кочо, ќе му речам сосема спокојно. Кочо тука сум. Останав на војувањето, сега одам подалеку, да се пишува на македонски, значи да се војува, тука сум!“
Определувањето на Коле Чашуле во литературата и театарот претставува целосно определување и ангажирање на еден автор за своето време, за својата современост. Повеќе за неговите тревоги, за неговите тегоби, за неговите црнила, сосема малку за неговите возбуди, за неговите ведрини, за убавината. Од неговиот прв расказ „Денот“, објавен во 1945 година во списанието „Нов ден“, до последниот драмски текст откриваме автор целосно внесен во своето време, и тогаш кога се враќа во минатото, и тогаш кога длаби во современоста. На тој пат ни се открива една литература, што сугестивно, активно и растревожено ги осветлува македонските национално-историски трауми, за да продолжи, да се прошири и да се продлаби со тревогите на ова наше време, со судбината на светот.
Професионалниот пат го почнува како главен и одговорен уредник на Радио Скопје, а во 1948 година Народниот театар во Куманово ја изведува неговата прва пиеса „Една вечер“. Следната година е именуван за прв уредник на Македонскиот народен театар, во 1950 година излегува од печат неговата прва книга „Првите дни“ и се поставува драмата „Задруга“...и потоа следуваат бројните збирки раскази, есеи, мемоари, дневнички записи и драмски текстови.
Практикувајќи ги безмалку сите книжевни форми и жанрови, но и правејќи го тоа континуирано, Чашуле беше и остана еден од најпродуктивните македонски автори. Можеби е подобро да се рече: еден од оние писатели кои постојано реагираа на феномените и настаните што се случуваат околу нив, одгласувајќи ги и низ референтни авторски текстови, жанровски одредливи како политички есеи. Своите ставови во периодот од 2001 година ги објавуваше во „Утрински весник“, дел од тие текстови се објавени во книгата „А, бре Македонче!“, а на прагот на годинава во Новогодишниот број од весникот, на прашањето, што очекува од 2009 година, одговори: „Очекувам од нашите писатели, артисти, режисери, сликари - нови чуда. Нови пробиви надвор од границите на нашиот двор. На некои што не’ мразат, пак, да им се крене косата. И да видат, најпосле, дека нашиот инает е творечки. Во политиката, да се намалат кавгите, најпосле да ни се раздени, да почнеме да мислиме праксано и да ја почитуваме вистината, дури кога таа е грда и за нас самите. Умот да не ни папса и да не секне. Од кризата што ни се заканува и не’ загрозува најмногу стравувам. Од малодушноста. Од кревањето раце, од предавањето и кога тоа не се бара од нас, од папсаноста на верата во нас самите.“
Добитник е на бројни награди и признанија и тоа: „11Октомври“, „Рациново признание“, „Стале Попов“, „Стериината награда“, Наградата за книжевен опус на „Мисла“, „4Јули“ и други, а извршувал бројни значајни функции: во 1956 година е избран за прв министер за култура на Народна Република Македонија, 1984 е избран за претседател на Сојузот на писателите на Југославија, во 1985 е избран за претседател на Главниот одбор на Југословенските театарски игри „Стериино позорје“, но извршуваше и значајни дипломатски должности: генерален конзул во Торонто, југословенски амбасадор во Бразил и југословенски амбасадор во Перу.
Чашуле има објавено дваесет и пет драми, публикувани и играни во Полска, Италија, САД, Словенија, Хрватска, СР Југославија, Босна и Херцеговина, Словачка, Унгарија и неколку стотини текстови од различен вид и жанр-есеи, фељтони, коментари, патописи, , театарски и филмски критики, полемики, интервјуа..., а некои од прозните текстови на Коле Чашуле се преведени на повеќе светски јазици.
Погребот на Коле Чашуле по желба на семејството, ќе биде извршен во присуство на семејството и блиските. |