23.09.2012, 16:29 Кадровска чистка во ВМРО-ДПМНЕ напролет
Премиерот Груевски реши да ги држи функционерите на штрек, заканувајќи им се со чести ревизии на работењето
Даниела Трпчевска
Владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ ќе ги држи на штрек кадрите кои ги постави на раководни функции. Со образложение дека сака да го извлече максимумот од нив и да постигне поголема ефикасност во работата, раководството на партијата одлучило барем еднаш годишно да врши „проветрување“ на фотелјите. Ако новиот бран годинава „заплиска“ 150 функционери на централно и локално ниво во земјава, колкумина ќе бидат зафатени со новите проветрувања кои се планираат за почетокот на идната година?
Премиерот Никола Груевски на собирот на Унијата на млади сили минатата сабота на голема врата го најави новото проветрување, кое треба да се случи во март и април 2013 година, непосредно пред локалните избори.
„Раководството на ВМРО-ДПМНЕ одлучи секоја година најмалку по еднаш годишно да се врши преиспитување на позициите и на функциите кои се доделени на сите нивоа. ’Новиот бран 2012’ е само почеток на една традиција во партијата, која ќе продолжи во наредните години. Завршувајќи го ’Новиот бран’ сега во септември, најавуваме продолжение во периодот април-јули 2013“, рече Груевски пред сопартијците.
„Новиот бран“, кој владејачката партија го почна пред неколку месеци, главно, се сведе на рокади на функционери од една на друга позиција, и тоа во пониските ешалони на власта. Груевски ја троши седмата година од владеењето - во три мандати. Но, тој досега не направи ниту една потемелна реконструкција на кабинетот. Смените на неколкумина министри, главно, се изведоа преку нивни оставки.
Новиот бран досега зафати 150 функционери, пред се' на локално ниво. Смени имаше во здравството, во Агенцијата за поддршка на земјоделството, Владимир Бахчовановски се повлече од функцијата прв човек на Ревизорското тело за претпристапна помош, Дарко Башевски заминува од позицијата директор на Филмскиот фонд, а беше разрешен и Љупчо Настоски, првиот човек на охридската Капетанија.
„Големиот потрес“ на функционерските фотелји, според најавите од партијата, треба да приврши деновиве, кога се очекува да бидат реобјавени десетина отсто од конкурсите од „Новиот бран“. Целта била да се обезбедат поконкурентни кандидати на одредени државни одговорни функции.
Опозициските партии и аналитичарите ги оценија смените како „идеја препишана од некоја книга“, добра стратегија и клучен маркетиншки проект на владејачките партии, во пресрет на локалните избори.
Според премиерот Груевски, пак, тие за постојните функционери треба да се мотив повеќе да го даваат максимумот без прекин и „во ниту еден момент да не заборават дека мандатот веќе не е четири години, туку максимум една година, а можеби и пократко“.
Според извори во ВМРО-ДПМНЕ, најголем број на позициите кои беа испразнети се веќе пополнети со нов кадар од кој според понудените програми кои беа доставени преку јавните конкурси и се очекува да внесат нов квалитет.
„Останува определен мал процент на места кои треба да се дополнат и тоа во најголем број во рамките на вршителите на функции на ниво на единици на локална самоуправа, и очекуваме до крајот на годината и тие процеси да бидат завршени. Добар дел од новите вршители на функции веќе покажуваат и значителни резултати на новите позиции, што ни дава до знаење дека е остварена целта на акцијата“, додаваат извори од партијата.
За да ја стекнат довербата,новите кандидати кои сакаат да добијат некоја „престижна“ функција ќе мораат да бидат креативни и стручни, добри менаџери и лидери во областа во која работат.
„Ако некој се прашува кои се критериумите за да се успее, јас ќе одговорам: потребна е личност со карактер, зрела и амбициозна личност, која има одговорен однос кон работата, на која не и' треба некој да и' каже колку треба да работи, туку самата знае дека додека не се заврши зацртаното, нема мрдање“, обелодени неодамна премиерот пред сопартијците..
Чесен пристап кон работата и етички и морално здрава и чесна личност – се меѓу врвните особини кои се очекуваат од кандидатите за високи функции. „Сум сретнал низ животот голем број стручни и креативни луѓе, но со сериозни дефекти во карактерните особини. Тие не можат успешно да водат државни функции колку и да се стручни. Вишокот ароганција, самобендисаност и надменост, лечење стари комплекси по доаѓање на функција, втурнување во развратен живот, фокусирање на купувања нови автомобили и мебел уште пред да завршат неколку крупни реформи, лош однос со вработените и граѓаните изразено преку повишен тон или навреди, трошење време по ручеци на државен трошок низ градските кафеани, неприфаќањето критика и опкружување само со луѓе кои ве фалат, се само дел од првите симптоми на карактерно незрели личности“, вели Груевски, според кого ваквите луѓе не се кадарни да добијат функција. Оние пак, кои ќе бидат вмешани во корупциски скандали и во криминал, според првиот човек на Владата, „не треба да се разрешат, туку по дифолт правец во Шутка и во Идризово“.
|