24.09.2012, 18:12 Груевски фрли на маса изборни адути
Настапот на премиерот подгреа сомневањата дека се можни општи избори во март следната година
Александра М. Митевска
Премиерот Никола Груевски ги фрли на маса најсилните карти, во неделата попладне, кога се обиде да ги омекне стопанствениците, најавувајќи дека Владата ќе се задолжи за да го врати долгот кон фирмите, до февруари следната година. Исцрпниот говор на премиерот не им беше наменет само на бизнисмените. Тој зборуваше речиси еден и пол час, посочувајќи конкретни рокови и најавувајќи поволности и за пензионерите, социјално загрозените, за администрацијата... Сите тие ќе можат да ги почувствуваат новите владини чекори за кои зборуваше премиерот во почетокот на следната 2013 година, која во политичкиот календар е запишана како изборна година.
Познавачите на прилики се согласуваат дека ова не е обичен настап на Груевски и дека мерките што ги најави, всушност, се дел од неговите изборни ветувања. Средбата со стопанствениците беше помпезно изведена, а говорот на премиерот директно се пренесуваше преку националната телевизија.
На помалку од шест месеци пред редовните локални избори, македонскиот премиер им вети на стопанствениците враќање на ДДВ и плаќање на фактурите, на пензионерите повисоки пензии, на социјалните случаи зголемување на помошта од државата, а на чиновниците им порача да не стравуваат од отпуштање и намалување на платите.
„И покрај сериозните предизвици со кои се соочуваме, Владата ќе го реализира зголемувањето на пензиите и на социјалната помош од пет отсто, почнувајќи од март, додека зголемувањето на платите во јавниот сектор ќе се одложи за една година поради кризата. Во 2013 година нема да дозволиме масовни отпуштања од администрацијата, ниту намалување на платите, нема да се зголемат даноци, инфлацијата ќе биде ниска, субвенциите на земјоделците не само што нема да се намалуваат туку и ќе растат, банкарскиот сектор и денарот ќе останат стабилни“, рече Груевски.
Со тоа премиерот ги лоцираше целните групи што сака да ги придобие пред изборите. Станува збор за популација од повеќе стотици илјади гласачи, во која покрај бизнис-заедницата и вработените во приватниот сектор, влегуваат и околу 270 илјади пензионери, неколку десетици илјади социјалци и над 120 илјади адимистративци.
Според опозицискиот СДСМ, Македонија не може да оди напред со премиер и влада кои ја кријат вистинската состојба од народот и само даваат ветувања што не ги исполнуваат. После шест години, велат од СДСМ, народот веќе се умори од едни исти празни ветувања. „Обраќање на премиерот беше задоцнето, контрадикторно и неискрено“, оцени вчера Зоран Јовановски, потпретседател на СДСМ.
Од ВМРО-Народна партија, пак, оценија дека настапот на Груевски бил еуфоричен, и покрај тоа што најавил работи кои се тековна и законска работна обврска. „Владата ќе позајми пари од надвор не за патишта, брани, мостови туку за плати, пензии, долгови. Буквално, ја задолжуваат државата надворешно за да раздолжуваат дел од внатрешниот долг“, велат од партијата на поранешниот премиер Љупчо Георгиевски.
За поранешниот премиер Владо Бучковски, пак, нема дилеми дека Груевски во неделата даде едно од поголемите изборни ветувања. Секој потег на Груевски во изминатите шест години, според Бучковски, е пресметан и премиерот е во постојана кампања.
„Тој секогаш е чекор или два пред опозицијата. Свесен е дека бизнис-заедницата му е лута и дека повратот на ДДВ е голем проблем, па најави негово решавање. Груевски се обраќаше пред бизнис-елитата и сега мора да го исполни ветувањето. Владата ја има под контрола администрација, во постојана љубов е со синдикатите, а сега ќе се обиде да ги придобие и бизнисмените“, вели Бучковски.
Тој посочува дека роковите што ги спомена Груевски се совпаѓаат со локалните избори, но вели дека не се исклучени и предвремени парламентарни избори.
„Груевски можеби праќа порака дека заедно со локалните може да се реализираат и предвремени парламентарни избори, бидејќи ветувањата што ги даде излегуваат од опфатот на локалната власт“, вели Бучковски.
Локалните избори во редовен термин треба да се одржат во март следната година. Несогласувањата меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, пак, ја наметнаа можноста за нови предвремени парламентарни избори, како една од опциите за излез од владината криза. Всушност, идејата за локални и предвремени избори во пакет ја наметна опозицијата во почетокот на разногласијата во Владата, посочувајќи дека би било нелогично да има вонредни избори на неколку месеци пред редовните локални.
Во меѓувреме, во Собранието почна расправата за измените во Изборниот законик согласно со препораките на ОБСЕ-ОДИХР, кои, меѓу другото, советуваат во текот на кампањата партиската функција да се одвои од државната, односно државната функција, во тој период, да се извршува само на техничко ниво. |