28.09.2012, 14:26 Расте стапката на морталитет од срцеви болести
Расте стапката на морталитет од циркулаторни болести кои се основна причина за смрт во Македонија. Во 2011 година од вкупно починати 19.465 лица, 11.526 (59,2 отсто) починале од болести на циркулаторниот систем. Процентот на починати чија смрт е поврзана со овие болести, во 2009 година изнесува 57,9 отсто. Во последните шест години е зголемен бројот на болничко-стационарно лекувани жени од болести на циркулаторниот систем во однос на машката популација.
Ова беше истакнато на денешната прес-конференција на Институтот за јавно здравје на Македонија по повод 29 Септември, Светскиот ден на срцето, кој годинава се одбележува под мотото „Еден свет, еден дом, едно срце“.
Директорот на Институтот за јавно здравје на Македонија, Шабан Мемети денеска на прес-конференција рече дека според податоците на Институтот, за периодот 2009-2011 година, процентуалната застапеност на болестите на циркулаторниот систем во вкупниот број на лекувани болни во примарната здравствена заштита, е зголемен од 15,8 отсто во 2009 на 16,2 отсто во 2011 година.
Во 2010 година, според податоците, од вкупно лекувани 556.708 лица од болести на циркулаторниот систем, бројот на лекувани училишни деца и младина изнесува 5.167, а на деца до 6 години 293, додека во 2011 година вкупно лекувани се 639.930 од нив 4.869 се училишни деца и младинци, а 272 се деца до 6 години.
Златка Димитровска од Инстутот за јавно здравје укажа на препораките за здрав живот, кои, како што рече вклучуваат правилен начин на исхрана (оброкот треба да содржи до 10 отсто заситени масти и шеќери, 500 грама овошје и зеленчук и помалку од 5 грама сол), физичка активност, без употреба на цигари и алкохол итн.
- Жената исто така е подложна на срцеви удари како и мажот. Таа треба да има главна улога во формирањето на навиките кај децата, посочи Димитровска.
Од кардиоваскуларни болести годишно во светот умираат 17,3 милиони луѓе. Се смета дека до 2030 година 23,6 милиони луѓе ќе умрат од кардиоваскуларни заболувања, главно од срцеви заболувања и мозочен удар.
|