29.09.2012, 18:18 Собрани над половина милион денари за Клиниката за детски болести
Повеќе од половина милион денари беа собрани на хуманитарниот пикник што денеска го организираше Алкалоид АД Скопје, а кој се одржа во комплексот „Мулино Гарден“ во населба Сопиште. Средствата од донацијата ќе бидат наменети за подобрување на условите за престој, дијагностика и лекување на Клиниката за детски болести.
- Го организираме пикникот на кој вработените, нивните членови на семејства и пријатели донираа по 200 денари за специјално дизајнирани маички, со која донација се собрани повеќе од половина милион денари кои ќе ги донираме на Клиниката за детски болести, рече во обраќањето пред присутните, директорот на Алкалоид АД Скопје, Живко Мукаетов.
Тој посочи дека тоа е уште доказ за хуманоста на вработените на Алкалоид и на нивниот тимски дух.
- Би сакал да најавам нова иницијатива која се случува благодарение на директорката на Клиниката, Аспазија Софијанова, во рамки на која во континуитет ќе се наоѓаат начини за да се помогне за подобрување на условите за дечињата на Клиниката, истакна Мукаетов.
Тој додаде дека Алкалоид како општествено одговорна компанија и оваа година се труди онаму каде што мисли и треба да помогне.
Директорката на Клиниката Софијанова, заблагодарувајќи се за овој проект на компанијата, истакна дека на овој начин ќе можат да ја воздигнат Клиниката да биде на ниво можеби најдобра на Балканот.
Хуманитарен пикник на Алкалоид се одржа и во септември 2011 година по повод 75-годишнината на компанијата, кога вработените за ден и половина собраа 425.500 денари, кои беа искористени за набавка на медицинска опрема за Одделот за детска онкологија при Клиничкиот центар во Скопје.
|