30.09.2012, 14:39 Петрова го освои Токио
Русинката Надја Петрова ја изненади бранителката на трофејот Агнешка Радванска, совладувајќи ја со 6-0, 1-6, 6-3 во финалето на Пан Пасифик опен во Токио и освојувајќи ја наградата од 385.000 долари. Ова е втора титула годинава за 30-годишната Петрова, вкупно 12. во кариерата.
„Чувството е прекрасно“, беа првите зборови на победничката на турнирот на кој учествуваа девет од десетте најдобри светски тенисерки, освен Серена Вилијамс. „Ова е најголемиот турнир што сум го освоила. Никогаш не очекував дека ќе бидам во ваква положба“.
Петрова ја остави третата носителка на нула во првиот сет, завршувајќи го со ас, Радванска возврати во вториот, но Русинката повторно беше на висина за задачата во решавачкиот. Завршниот удар го зададе со неодбранлив волеј во трк, по што падна на колена од радост.
На патот до трофејот Петрова ги совлада тенисерките од топ-10, Сара Ерани и Саманта Стоусер. Нејзина најдобра сезона беше 2006, кога освои пет турнири. |