01.10.2012, 16:58 Македонското вино ќе биде промовирано во Холандија и Полска
Единаесет македонски винарници, организирани во здружението „Вина од Македонија“, од 21 до 24 овој месец ќе ги промовираат своите вина во Холандија и во Полска. Холандските и полските професионални познавачи на виното и голем број увозници на вино и дистрибутери ќе можат да дегустираат од вината на „Тиквеш“, „Стоби“, „Сковин“, „Далвина“, „Бовин“, „Попов“, „Дудин“, „Камник“, „Езимит“, „Попова кула“ и „Филовски“.
Според маркетинг-стратегијата за извоз на вино во ЕУ која ја изработија винарниците, презентирана во февруари оваа година, Холандија, Полска, Словенија и Швајцарија се оценети како најперспективни европски пазари за македонското вино.
Во организацијата на овие промотивни настани се вклучени и македонските амбасади во двете земји, како и Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот преку економските промотори, кои ќе организираат дополнителни активности за привлекување на што поголем број присутни на самите промоции, како и овозможување директни средби на винарниците со увозниците. Неодамна седум македонски винарници склучија извозна зделка со голем увозник и дистрибутер на вино од Кина. |