28.09.2012, 16:07 Отворени првите фабрики во индустриската зона кај Валандово
Инвестицијата на домашните фирми „Дока текстил“ и „ДМИСС“ е 2,5 милиони евра
Валандово – Со пуштањето во работа на првите два производни погона денеска официјално стартуваше функционирањето на индустриската зона „,Раброво“ кај Валандово. Министерот за финансии Зоран Ставревски и градоначалникот на Валандово, Николче Чурлиновски заедно со инвеститорите ги предадоа во употреба првите два текстилни капацитета на македонската компанија „Дока текстил“ и групацијата „ДМИСС“ во вредност од 2,5 милиони евра кои отвараат 300 нови работни места. Ова се првите инвестиции во оваа зона во која е предвидено да бидат отворени 50-ина фабрики.
За министерот Ставревски, отварањето на капацитети е значајно бидејќи се реализира во време на криза во Европа.
„Новата инвестиција која се реализира во Македонија токму во Индустриската зона во Валандово покажува дека со вистински претприемачки дух со помош на централната и локалната власт може да се реализира инвестиција и во најтешки времиња. Владата и натаму ќе ги дава најдобрите услови во Европа, најниски даноци, ниска цена за земјиштето и поддршка на локалната власт, а со цел да се реализираат инвестиции и да се отвараат нови работни места“, рече Ставревски.
Сопственикот на „Дока текстил“, Тони Пандев потенцираше дека двата нови капацитета ќе обезбедат работа за 1.000 луѓе.
За градоначалникот на Валандово, Николче Чурлиновски профункционирањето на ова индустриска зона каде сите 48 парцели се продадени, значи заживување и економски развој на Валандово. Во „Раброво“ наскоро треба да се отворат уште осум фабрики и тоа за прозводство на сончеви колектори, урбана опрема, конзервирање зеленчук и фабрика за флаширање вода.
Досега во индустриската зона во Валандово се инвестирани околу 15 милиони евра, а Општината во наредниов период ќе ја дореализира комплетната инфраструктура. (С.Т.) |