29.09.2012, 12:05 Илиевски претставен како Словенец на сајтот на АБА лигата
Грешката се повторува и во самиот профил на Илиевски каде се неговите лични и кошаркарски податоци.
Два дена по официјализирањето на договорот со загребска Цедевита, македонскиот кошаркар Владо Илиевски е претставен како Словенец на официјалната веб страна на регионалната кошаркарска АБА лига.
- Доскорешниот репрезентативец на Македонија, Владо Илиевски не е непознат играч на европската сцена, а уште помалку на балканските простори, стои во еден цитат при претставувањето на Илиевски.
Оттаму зачудува и фактот што во составот на Цедевита во графата за националност зад името на Илиевски е впишано Словенец. Ваквата грешка се повторува и во самиот профил на Илиевски каде се неговите лични и кошаркарски податоци.
Ваквиот гаф на луѓето од АБА лигата се гледа и по насловната интернет страната на ова натпреварување, каде се наоѓа веста за Илиевски и неговиот нов ангажман, во која уште во првиот пасус е наведена неговата македонска националност.
- Добро познатиот македонски играч, кој се пензионираше од националниот тим ова лето, се приклучи на хрватскиот шампион, се вели во веста на сајтот на АБА.
Кај местото на раѓање на играчите (освен на оние од Скопје кај кои напишано е уставно име на нашата земја Македонија) стои референцата БЈРМ. Така зад градовите Струмица (во профилот на Владо Илиевски) и Кавадарци (зад профилот на Тодор Ѓецевски) впишана е референцата БЈРМ.
Останува да се види, кога и дали луѓето од АБА лигата ќе ги воочат и корегираат ваквите грешки.
|