28.09.2012, 12:03 МЗТ Скопје со умерен оптимизам против Цибона
„Металците“ денеска рано наутро отпатуваа за Загреб, каде што од утре ќе почне да пишува нова приказна во клупската историја со наслов „АБА Јадранска лига“
Марија Ковачева
МЗТ Скопје денеска рано наутро отпатуваа за Загреб, каде што од утре ќе почне да пишува нова приказна во клупската историја со наслов „АБА Јадранска лига“. Македонскиот кошаркарски шампион во премиерниот меч против хрватскиот гигант Цибона, но и во сезоната, влегува без големи очекувања. Поради квалитетот на екипите, како и поради дебитанската улога, „сино-белите“ ќе влезат со умерена доза на оптимизам.
„По одлично одработениот прв дел од подготовките се соочивме со проблеми во делот со високите играчи, Тодор Гечевски и Кирил Николовски, кои подолг период беа повредени. Контролите ги одигравме некомплетни, а на сето тоа се надоврза и ослободување од обврските на Американецот Брендон Вуд што не' врати чекор назад во однос на првиот дел. Независно од се', сметам дека сме доволно подготвени, иако ќе беше убаво лигата да почне следната недела за Николовски да биде целосно подготвен. Но што е тука е, во Загреб одиме со умерен оптимизам дека ќе можеме да се спротивставиме на екипа од рангот на Цибона, која е меѓу петте екипи фаворити за триумф во АБА-лигата. Патуваме комплетни, Гечевски веќе е цела недела во тренажен процес, а Николовски е во меѓуфаза, ќе го имаме на клупата, но нема да го искористиме доколу високите играчи направат пет лични грешки“, изјави тренерот на МЗТ Скопје, Александар Тодоров.
Според предводникот на македонскиот шампион, најреален проблем на стартот на Јадранската лига ќе биде почитта на неговите кошаркари кон звучните имиња што играат во екипите што се дел од ова натпреварување.
„Фактот што во АБА-лига ќе играме во сали со славни имиња од типот на таа против која ќе настапиме в сабота, „Дом на Дражен Петровиќ“, и против играчи што до вчера сме ги гледале само на телевизија е нешто што ќе ни биде реален проблем на почетокот од регионалното натпреварување. Постојано работиме на овој проблем. Се надевам дека брзо ќе го надминеме бидејќи токму овој проблем ќе биде пресуден за нашата игра“, смета Тодоров.
Македонскиот репрезентативец Дамјан Стојановски, заедно со своите играчи во Јадранската лига ќе влезат само со една мисла - достојно претставување на македонската кошарка и на клупски план.
„Секогаш има притисок кога се игра прв меч, особено во натпреварување како АБА-лигата, но наша цел е достојно да ја ��ретставиме македонската кошарка“, е краткиот коментар на Дамјан Стојановски.
И управата на македонскиот шампион е доволна свесна што значи за еден македонски тим да биде првиот претставник од нашата земја, но и да се учествува во квалитетно натпреварување како што е АБА Јадранската лига. Токму поради ова кошаркарите и стручниот штаб во сезоната влегуваат без притисок од првите луѓе.
„Чест ни е што ќе бидеме дел од лигата што ги обединува најсилните клубови од овој регион. Приземни сме на земја, знаеме кои се квалитетите и кредибилитетите на екипите што се дел од АБА, МЗТ Скопје како прв македонски клуб во историјата на ова натпреварување сигурно ќе настојува достојно да ја претставува нашата земја. Не очекуваме спектакуларни резултати, за мене лично би бил огромен успех доколку се пласираме на средината на табелата. Нормално е дека во првите средби ќе имаме притисок од јавноста за остварување резултат, но имаме играчи со доволно искуство и знаење, кои знаат како треба да се носат со тој притисок“, изјави спортскиот директор Ѓорѓе Војновиќ.
МЗТ Скопје сепак ќе ангажира засилување на бековската позиција, кое уште денеска се очекува да биде познато. Според управата и стручниот штаб, новиот играч во таборот на „металците“ најверојатно ќе го видиме на премиерниот меч против Широки во салата „Борис Трајковски“ закажан за 3 октомври.
|