28.09.2012, 12:19 Хамилтон во Мерцедес, Перез во Мекларен
Со доаѓањето на Британецот, Шумахер остана без ангажман за следната сезона
Луис Хамилтон потпиша тригодишен договор со Ф1-тимот на Мерцедес и следната сезона ќе го замени Михаел Шумахер, соопшти германската екипа, без да даде информации за иднината на седумкратниот светски шампион. Ангажманот на првакот од 2008 година се случи откако „Мерцедес-Бенц“ склучи нов комерцијален договор со сопственикот на правата за Формула 1, гарантирајќи долгорочно присуство во овој спорт. Нема информации за иднината на Шумахер. Трикратниот светски шампион, Австриецот Ники Лауда, исто така му се приклучи на тимот како неизвршен претседател.
Сегашниот тим на Хамилтон, Мекларен, претходно објави дека неговото место в година ќе го заземе Мексиканецот Серхио Перез. Тој се обврза на повеќегодишна верност и во сезоната 2013 ќе вози заедно со светскиот шампион од 2009 година Џенсон Батон.
Хамилтон (27), кој како тинејџер ја помина програмата на Мекларен за поддршка на млади возачи, дебитира во Формула 1 во 2007 година и за малку ќе ја освоеше титулата, но заврши зад Кими Раиконен. Тоа му успеа наредната година, но оттогаш се' уште чека на втората, а сезонава е четврти со 52 бода помалку од водечкиот Фернандо Алонсо шест трки до крајот.
„Сега е време за нов предизвик за мене и возбуден сум што отворам ново поглавје, тркајќи се за Мерцедес“, изјави Хамилтон, кој има извозено 104 гран-прија. „’Мерцедес-Бенц‘ има извонредно минато во овој спорт, како и пасија за победување, која ја споделуваме. Заедно можеме да растеме и да одговориме на новиот предизвик. Верувам дека можам да ја одведам ’сребрената стрела‘ до врвот и да ја остварам нашата заедничка амбиција со освојување на титулата“.
Партнер на Хамилтон в година ќе му биде Нико Розберг.
|