29.09.2012, 11:34 Зоолошката во Скопје со ново осветлување и видео надзор
Зоолошката градина во Скопје доби ново осветлување и нов систем за видео надзор.
Проектот чинеше 10 милиони денари, а со неговата реализација поставени се 32 видеокамери на сите улични патеки во зоолошката и 102 светлики со кои е овозможено целосно осветлување на живеалиштата. Во собата за мониторинг е поставен нов ЛЦД монитор за контролен надзор на снимките од камерите. Направен е и комплетно нов приклучок за поголема моќност, за рамномерно распоредување на електричната енергија. Реализатор на работите на проектот беше Каптел, а надзор изврши Ми-Мак.
Новото осветлување и видео надзор беа промовирани вечерва пред градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, директорот на ЕЛЕМ, Влатко Чинговски, генералниот директор на МЕПСО, Дејан Бошковски и членот на Управниот одбор на ЕВН Македонија, Игор Гиевски.
Градоначалникот Трајановски се заблагодари за донацијата и истакна дека ЕЛЕМ, МЕПСО и ЕВН уште еднаш докажале дека станува збор за општествено одговорни компании.
Дане Кузмановски, одговорен за односи со јавност од Зоолошката градина, рече дека со ова осветлување граѓаните на Скопје и туристите ќе можат во летниот период од годината и во вечерните часови да уживаат во убавините на Зоолошката градина.
|