27.09.2012, 15:52 Пристаништето Драч им се нуди на македонските фирми
Албанското пристаниште Драч денеска отвори свое претставништво во Скопје. Неговото раководство ги презентира своите карактеристики пред македонската бизнис-заедница во рамки на учеството на вториот Меѓународен саем „Транспорт и логистика“, кој се одржува од вчера на „Скопски саем“.
„Нам треба да ни биде јасно дека Драч е единствениот најблизок пат за излез на Македонија во Европа. Знаеме дека македонската бизнис-заедница има историска врска со Солунското пристаниште и се трудиме тоа да го направиме и со Драч“, рече на прес-конференција директорот на пристаништето Драч, Едвард Недрени.
Тој информира дека ги интензивирале активностите за подобрување на капацитетите на пристаништето и на околната патна инфраструктура со цел да привлечат што повеќе клиенти. Минатогодишните 3,5 милиони тони стока превезени преку Драч се само 40 проценти од целиот капацитет на пристаништето.
„Станува збор за изградба на автопат што ќе ги скрати сегашните патувања од Македонија до Драч за 100 километри. Тој што ќе биде изграден од албанска страна ќе биде многу квалитетен и се надеваме дека и македонската страна ќе инвестира во такви активности“, посочи Недрени. До следното лето, најави тој, сите услуги што ги нуди пристаништето ќе бидат приватизирани, а се преземаат активности тоа да биде три метри подлабоко од сегашната состојба, што ќе биде можност за закотвување на поголеми бродови и ќе се намалат трошоците за транспорт. |