28.09.2012, 12:46 Подземните инсталации ќе им припаднат на компаниите
Приватните и државните компании ќе добијат сопственост на подземните инсталации. Преку законски измени или комплетно нов закон ќе се овозможи засновање право на сопственост врз подземната инфраструктура и ќе може да се добие имотен лист за сопственоста по тој основ, најави денеска на прес-конференција портпаролот на Владата Александар Ѓорѓиев.
Проектот за воведување подземен катастар и негово електронско функционирање, што го почнува Владата, според Ѓорѓиев, е од исклучителна важност за граѓаните и за компаниите и исполнување на уште едно ветување.
Со реалзацијата на проектот, појасни, ќе се зголеми вредноста на компаниите и можноста за располагање со инфраструктурата во правниот и економскиот промет, но и алатка за обезбедување нови средства. При градењето ќе се знае каква инфраструктура има на теренот за подземните градби и ќе може да се утврди нивната точна местоположба. За инвеститорите ќе значи точна информација при планирање, безбедност при градба, помали трошоци. Одобренијата за градба ќе може да се издаваат побрзо затоа што ќе биде позната состојбата на теренот, што ќе биде од корист за граѓаните и инвеститорите, посочи владиниот портпарол.
Според акцискиот план за реализација на проектот што го усвоила Владата, македонската Агенција за катастар на недвижности ќе го воспостави подземниот катастар преку искуствата на Словенија, Литванија, Холандија и од Шведска. Во тие држави веќе се обучуваат стручни лица од Агенцијата. Најдоцна до октомври ќе се изготви физибилити студија за воспоставување подземен катастар, а до крајот на годината измени на законот за катастар на недвижности или пак комплетно нов закон за инфраструктурни градби. Во активностите ќе бидат вклучени Заедницата на единиците на локалната самоуправа и стопанските комори.
Владиниот портпарол појасни дека со добивањето сопственост за подземните инсталации ќе се зголеми вредноста и на државните и на приватните компании. Тие ќе може да располагаат со таа сопстевност, да ја користат како хипотека или како покритие, што ќе ги подобри нивните перформанси.
Се планира по донесувањето на законот во текот на следната година Агенцијата за катастар на недвижности да воведе електронски катастар и на подземните градби. Така ќе има точна информација дали на определена парцела има подземни водови, на која длабочина се, за каков вид вод станува збор. Ако нема водови на таа парцела, подземниот катастар на потенцијалните инвеститори ќе им даде информација на која оддалеченост е н��јблискиот вод за струја, телефон, водовод, пат, гас. Ќе се зголеми и безбедноста при изведување градежни работи.
За да се реализира електронското катастарско впишување на инфраструктурните објекти и за нив да се издава имотен лист, според Ѓорѓиев, ќе се изврши скенирање и снимање на подземната инфраструктура. Владата за таа намена на општините ќе им обезбеди финансии.
Комплетно проектот за воведување катастар на инфраструктурни градби ќе биде воведен во функција во 2013 година по што ќе започне процесот за запишување на постојните инфраструктурни градби што се очекува да трае во наредните неколку години. За новите градби инвеститорите ќе имаат законска обврска да ги запишат во катастарот.
|