30.09.2012, 14:51 Илиевски и Цедевита славеа во Подгорица
Владо Илиевски со три коша во дебито за Цедевита
Тимот на Цедевита, за кој пред неколку дена потпиша македонскиот ексрепрезентативец Владо Илиевски, со победа стартуваше во АБА-лигата. Хрватскиот вицешампион на гостувањето во Подгорица ја совлада Будуќност со 78:74 и ги најави своите големи амбиции годинава. Цедевита во повеќе наврати имаше двоцифрена предност, која домаќинот не успеваше да ја стопи до крајот.
Илиевски го круниса своето деби во дресот на хрватскиот тим со три поена. За шест минути во игра, тој успеа да запише и една украдена топка. Вториот кошаркар со македонско државјанство во редовите на Цедевита, Маркиз Грин, се најде во стартната петорка и го заврши мечот со 11 поени, седум скока, три асистенции и две украдени топки.
Првото коло во новата сезона, покрај големата победа на МЗТ Скопје во Загреб, донесе уште едно изненадување. Повратникот Сплит на домашен терен го совлада стариот ривал Црвена ѕвезда со 87:81. За сигурната победа на Сплит се погрижи Иван Мимица, кој со своите 32 поени беше нерешлива енигма за противникот.
Противникот на МЗТ Скопје во второто коло, Широки Бриег, во Скопје ќе допатува со пораз на домашен терен од Игокеја од 69:63. Во останатите средби Партизан по голем пресврт го доби Задар со 81:74, а Унион Олимпија во Крагуевац славеше над Раднички со 71:65.
Синоќа требаше да се комплетира првото коло со дуелот Крка - Шолнок. (М.К.) |