01.10.2012, 18:24 СДСМ: Власта се луксузира со проекти
Опозицискиот СДСМ ја обвини власта дека за време на рецесија се луксузирале и се расфрлале со парите на граѓаните на непродуктивни трошоци. Марјанчо Николов, пратеник на СДСМ и претседател на собраниската Комисија за финансирање и буџет, вчера изјави дека Владата гради плоштад кај црквата „Св. Богородица“, кој не е инфраструктурен објект, ниту економски и енергетски исплатлив проект, туку, како што смета, уште еден плоштад полн со споменици и фонтани.
„Власта и овој проект ќе го прокнижи како капитална инвестиција, без притоа да потенцира дека се работи за економски неоправдана инвестиција во време на криза. Плоштадот ’Пресвета Богородица’ е со големина од 3.200 квадрати и за него и за трите фонтани е планирано да се потрошат над 4,3 милиони евра. Со тоа, цената по квадрат на овој плоштад надминува 1.300 евра и ќе чини колку еден квадрат од суперлуксузен стан“, тврди опозиционерот Николов.
Од владејачката ВМРО-ДПМНЕ веднаш реагираа и потврдија дека се градат фонтани кои, како што сметаат, треба да го разубават делот на Скопје околу црквата „Св. Богородица“, но истовремено се граделе и нови булевари, катни гаражи и паркови. (Б.Ш.)
|