01.10.2012, 16:52 Ракометарите на Монпелје признаа дека се обложувале
Адвокатот на приведените браќа Карабатиќ тврди дека тие не местеле натпревари
Адвокатот на Никола Карабатиќ и на неговиот брат Лука, кои беа приведени во неделата, откри дека ракометарите на Монпелје се обложувале на натпревари, но негираат дека лажирале резултати. Неколку играчи, меѓу кои и Никола Карабатиќ, која ја предводеше Франција во освојувањето на двете олимписки титули едноподруго во Пекинг 2008 и во Лондон 2012, беше уапсен по истрагата за наводен скандал со местење.
„Тие ќе признаат дека се обложувале. Тие имаат уплатувано облози“, изјави за француското радио РТЛ застапникот на Карабатиќ, Ерик Дипон-Морети, прашан дали браќата и други играчи на Монпелје ќе признаат дека ставале облози на мечеви од француското првенство.
„Но, лажирањето треба да се докаже. На потег е обвинителот да приложи докази. А јас велам дека овие луѓе категорично негираат дека го наместиле тој натпревар. Овде нема случај на криминал“.
Минатата седмица судски извор откри дека францускиот првак Монпелје е дел од истрагата за нивниот загубен првенствен дуел со Сесон-Севињ на 12 мај годинава. Веднаш по прексиноќешното новопечено дерби во париската сала „Пјер де Кубертен“, во кое Пари Сен Жермен го декласира Монпелје со 38:24, полицијата ги приведе на сослушување Никола и Лука Карабатиќ, Мишел Робин, Драган Гаиќ, Примож Прошт, Висем Хмам, физиотерапевтот на екипата, како и нејзините поранешни членови Самуел Онрубија и Младен Боиновиќ. |