30.09.2012, 12:44 Оставка на шефот на обезбедувањето на Вацлав Клаус
Напаѓачот од непосредна близина истрела пластични дијаболи врз претседателот
Прага - Шефот на Одделот за обезбедување на чешкиот претседател, Јиржи Скленка поднесе оставка, поради инцидентот во кој со пластични дијаболи беше пукано врз шефот на државата Вацлав Клаус.
Скленка во образложението на оставката вели дека чувствува лична одговорност поради непрофесионалното однесување на неговите подредени.
Инцидентот при кој Клаус не беше повреден се случи во текот на свеченото пуштање во употреба на нов мост во градот Храстава, на северот на земјата.
Обезбедувањето на првиот човек на Чешка беше цел на големи критики со оглед на тоа што на нападот воопшто не реагираше и младиот маж беше притворен подоцна од полицијата, за кое време успеа да даде изјава за медиумите.
"Од почеток сериозно ги разгледувам случувањата во врска со постапката на безбедносната служба кои професионално погрешија. Безусловно мора да бидат преземени мерки, за да не се повтори нешто вакво", изјави шефот на чешката полиција Мартин Червичек.
Истрагата за нападот и евентуалните грешки на обезбедувањето ќе бидат испитувани од специјална комисија. На напаѓачот му се заканува казна затвор до две години.
|