23.09.2012, 17:09 Мал напредок во изборното законодавство, оценува Филе
Ако се оди на предвремени парламентарни избори, кој знае колку време ќе биде изгубено, оценува еврокомесарот
„Не е во интерес на вашата земја да остане пред вратите на Европската унија засекогаш. Не е во интерес на регионот, ниту во интерес на Унијата“, изјави во интервју за Радио Слободна Европа, еврокомесарот за проширување Штефан Филе. Може да се направи повеќе, се' уште има време до декември, околу 75 проценти од задачите се испорачани. Повеќе може и треба да се направи за да се реши спорот за името.
„Ако ги погледнете сите тие прашања кои се наведени во патоказот од дијалогот на високо ниво“, вели Филе, „можам да кажам дека некои од прашањата се комплетно имплементирани, но има прашања каде што е постигнат само минимален напредок или воопшто нема. Едно од тие прашања на кои се осврнавме е децентрализацијата, владеењето на локалните власти, што е исклучително важно во пресрет на локалните избори што треба да се одржат напролет. Има и некои специфични прашања од областа на изборното законодавство на кои треба да се посвети внимание и каде што напредокот е многу ограничен.
Им порачав на политичките партии и коалициски партнери и сите чинители се разбира, да направат се' што е можно за стабилизација на државата, да се направи се' што е можно да се создадат услови потенцијалот што го нуди дијалогот на високо ниво да се искористи најдобро што е можно“, истакнува еврокомесарот. „Затоа што ако одлуката е навистина да се оди на предвремени парламентарни избори, се плашам дека таа динамика ќе се изгуби и кој знае колку време ќе биде изгубено. Јас не сум тој што треба да оцени во ситуацијава, дали сега има повеќе шанси за предвремени избори или не, тоа не зависи од мене. Но дефинитивно сум тој што е јасно заинтересиран за тоа Владата да работи напорно и коалициските партнери да работат на начин на кој ќе си веруваат меѓусебно, да има транспарентност, предвидливост и да ги капитализираат резултатите од дијалогот на високо ниво. Не бидејќи е добро за нив, туку затоа што е добро за државата, добро е за македонските граѓани“, изјави Филе.
Еврокомесарот Штефан Филе во Неделното интервју на Радио Слободна Европа уште истакнува дека не е реално да се очекува пристапните преговори да почнат, а прашањето за името да се решава подоцна.
|