Не клеветиме, туку прашуваме
Александра М. Митевска, уредничка на Политичката рубрика во „Утрински весник“
Редакцијата на „Утрински весник“ жали поради лавината клевети што ги истури Центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ врз весникот, меѓу друго, обвинувајќи не' за неетичко и непрофесионално известување. Во интерес на вистината, се чувствувам повикана да об��аснам дека информацијата за наводното разрешување на Мартин Протоѓер стигна во електронската пошта на нашата Редакција од извесен читател, кој, како што дознавме, истиот допис го испраќал и до други медиуми. Во обид да ја потврдиме или да ја демантираме приказната, лично контактирав со директорот на Центарот за комуникации во ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски, кој категорично ги отфрли шпекулациите и посочи дека Протоѓер е во Брисел со премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски. Демантот е јасно пласиран и во самиот текст, но и во насловната конструкција. Всушност, „Утрински весник“ во текстот не тврди дека Протоѓер е сменет од функцијата, туку само прашуваме кој ги пласира во јавноста таквите тези. Сметаме дека е сосема легитимно како медиум да се интересираме и да информираме за случувањата во власта и за нејзините носители. И искрено жалиме ако Протоѓер се чувствува навреден поради тоа. А ако му претставува сатисфакција да добие извинување од нас, да бидеме доблесни - Протоѓер го има нашето извинување.
|