Турција го слави договорот за „Набуко“
Турскиот премиер Реџеп Таип Ердоган вчера изјави дека потпишувањето на меѓувладиниот договор за соработка во областа на испораката на природен гас преку гасоводот „Набуко“ претставува историски момент за енергетската безбедност во Европа.
Тој на отворањето на свеченоста по повод потпишувањето на договорот нагласи дека проектот „Набуко“ е важен за пријателството и мирот.
„Проектот ’Набуко‘ покажува дека Турција треба да стане членка на ЕУ поради снабдувањето со енергетски ресурси“, истакна турскиот премиер.
Истовремено, Ердоган нагласи дека Турција би сакала ирански гас да се испорачува преку гасоводот, изразувајќи надеж дека со текот на времето преку него ќе се транспортира и руски гас.
Договорот е потпишан меѓу претставници на Бугарија, Романија, Австрија, Унгарија и Турција.
Специјалниот пратеник на САД за енергетските прашања во Евроазија, Ричард Морнингстар, претседателот на Европската комисија, Жозе Мануел Баросо, и еврокомесарот за енергетика, Андрис Пиебалгс, исто така, присуствуваа на чинот на потпишувањето.
Проектот „Набуко“ предвидува да се изгради гасовод за пренесување природен гас од Централна Азија кон ЕУ, преку Турција и Југоисточна Европа. Обемот на транспортираниот гас се предвидува да изнесува 31 милијарда кубни метри годишно. (МИА) |