МЕПСО бара поскапување на струјата
Македонскиот електропреносен систем оператор, АД МЕПСО, вчера до Регулаторната комисија за енергетика ја достави апликацијата за планирани трошоци за 2011 година, во која се бара наместо уделот во малопродажната цена на струјата да изнесува 6,5 отсто како што е сега, тој да биде 7 отсто.
Компанијата планира зголемување на своите идни трошоци, затоа што е најавено поголемо производство на струја за в година. МЕПСО бара поголем удел во просечната малопродажна цена на струјата, која сега изнесува 0,02 денари за киловат-час електрична енергија. Доколку целосно биде одобрен бараниот процент од страна на РКЕ, тоа ќе значи зголемување од 0,5 отсто на сегашната просечна цена од 3,8 денари за квч, утврдена од РКЕ.
Иако компанијата не предвидува зголемување на трошоците во своето работење во делот на управувањето со електроенергетскиот систем и одржувањето на преносната мрежа за наредната година, сепак, во споредба со годинава, се очекува да се зголемат трошоците на компанијата за исплата на повластените производители на електрична енергија од обновливи извори.
„Производителите на струја најавија поголемо производство за наредната година. Поради тоа, МЕПСО бара зголемување на својот удел во просечната малопродажна цена на електричната енергија“, се вели во вчерашното соопштение. (М.Т.) |