Раширени раце за македонските фудбалери
Голем интерес за нашите фудбалери во Братислава. Медиумите го следеа секој нивни чекор
Од бележникот на репортерот
Сашко Ѓ. Димовски
Братислава - Македонската фудбалска репрезентација на гостувања доживува нешто што дома е реткост. Најважната споредна работа во светот е како дневна д��за на кислород кај фудбалските фанатици. За нив не е важен рејтингот на тимот што гостува, тие едноставно сакаат да имаат се' и ја збогатуваат својата колекционерска ризница без оглед дали станува збор за составот од првиот европски или светски ешалон или рамниште или рамништа подолу. И тоа не од Македонци кои работат и живеат во земјата во која сме гости туку од локални граѓани.
Во тоа можеа да се уверат и нашите репрезентативци во последните четири меча во странство, двата во Австрија против Азербејџан и Романија во мај и јуни, августовскиот на Малта и синоќешниот во Братислава против Словачка. Иако не видовме никаква реклама за воведниот меч во квалификациите за ЕП 2012 меѓу Словачка и Македонија, сепак, големиот интерес на овдешните медиуми кои го следеа секој чекор на нашите на тренинзите и на прес-конференциите, е доволен показател за примамливоста на македонскиот состав. Меѓутоа не беа само тие, имаше и искрени фудбалски фанови кои доаѓаа да архивираат по некоја фотографија, потпис со Горан Пандев, Горан Попов и останатите македонски репрезентативци без разлика што досега немаме поза��ележителен квалификациски резултат во поглед на пласман на големите турнири (ЕП/СП).
„Ова не е ништо. Да знаете што ни се случи во во Австрија и на Малта. Пријатно бевме изненадени“, вели секретарот на националниот тим, Марио Ѓурчиновски.
Човек го посетил нашиот национален тим да се поздрави и одблиску да ги запознае неговите миленици од тетратката. Во неа имаше ама баш се' за Македонија. Од фотографии на сите репрезентативци, резултати во квалификациските и пријателски натпревари, стрелци. Кој би рекол дека некој странец така ревносно ги следи настапите на македонската селекција.
„Убаво беше чувството кога го видовме сето тоа од средовечниот Австриец“, вели Ѓурчиновски.
И нормално, Австриецот, како награда за делото и вложениот труд доби потпис од секој наш репрезентативец што беше дел од мечевите против Азербејџан и Романија во Вилах и Бишофсхофен на негово задоволство и задоволство од нашите фудбалери по што следуваше и колективна фотографија за која вети дека ќе ја вметне во тетратката уште истиот ден.
Идентична ситуација нашите имаа и во Ла Валета за време на гостувањето на островот во Медитеранот во август на пријателскиот меч со селекцијата на Малта. Уште еден фан на Македонија, копија од Австриецот. Со слична колекција и Малтежанецот се запозна со нашите репрезентативци и го доби истото што и неговиот австриски „колега“.
Двата примера од Австрија и Малта и интересот што го буди Македонија на гостувањата се само пример дека на страна респект има кон секого. Тоа го почувствувавме и овде во Братислава при самиот контакт со овдешните жители. Се интересираат, прашуваат и знаат за македонската фудбалска репрезентација. Првото нешто што им „ѕвони в уши“ кога ќе слушнат за нашата репрезентација е Горан Пандев. Речиси и да немаше човек кој не знаеше за мечот преку медиумите иако низ градот не успеавме да забележиме ниту еден плакат, билборд, флаер од типот „Дојдете да навивате за Словачка“.
Но, затоа градот е под опсада со плакати за мечевите на Жилина во Лигата на шампиони. Наголемо се најавува настанот што ќе се случи веќе на 15 септември кога во Братислава ќе гостува англискиот фудбалски гигант, Челзи. По „сините“ од „Стемфорд Бриџ“ ќе следуваат гостувања и на француски Олимпик Марсеј и московски Спартак.
Дека се запознати со Македонија се уверивме и во случајната средба со еден Ирец во еден од ноќните клубови во Братислава. Разговорот почна спонтано во една од уличките во словачката престолнина. Општиот муабет полека се претвораше во вечерно дружење со чаша „Злати Бадажи“, питко словачко пиво во кое може да се ужива за 1,66 евра (100 денари) колку што е и кај нас.. Му рековме дека сме од Македонија на што тој еуфорично врати.
„Македонија?“, извика со широка насмевка на лицето и продолжи
„Па, ние сме во иста група во квалификациите со вас, но шанси против Ирска немате. Ние имаме добра репрезентација, во моментот можеби и најдобра на Островот. Во Даблин ќе ве победиме, за Скопје не сум сигурен, но ќе се обидеме и кај вас да освоиме три бода. Ако дојдете задолжително да се јавите, ако немате каде да преноќите, ќе бидете мои гости“.
Вистинскиот шок допрва следуваше за нас. За време на престојот во локалот забележивме црномурно момче со ранец на грбот како седи на плочникот. Непосредноста на овдешните луѓе се пренесе и врз нас. Во еден момент ни пријде.
„Зошто не влезеш внатре да ни се придружиш“, го прашавме и наидовме на одговор кој воопшто не го очекувавме.
„Нема шанси да влезам внатре. Тука може да биде опасно за мене. Во Братислава црните луѓе не минуваат добро. Има многу скинси, кои ако налетаат на тебе, знаат да направат проблем. Сум го почувствувал тоа на своја кожа, а слично искуство имаат и неколку мои пријатели. Подобро за мене е да останам тука и да го почекам другарот да излезе“, возврати момчето кое се претстави дека е од Доминиканска Република.
„Сетете само што се случи овде неодамна, кога еден човек уби осум лица само затоа што се со друга боја на кожата“, ни рече намерникот од Доминикана. |