Почина повредениот работник од МЖ, три години го делеле од пензија

Другите двајца електричари што настрадаа по експлозијата се надвор од животна опасност
Работникот на „Македонски железници“, кој се здоби со тешки повреди при понеделничката експлозија на трафостаница во Скопје, почина завчера во Градската болница во Скопје. Силните изгореници на главата и телото беа кобни за 60-годишниот електричар, кого само три години го делеле од заминување во пензија. Другите двајца работници кои, исто така, се здобија со повреди во експлозијата, се надвор од животна опасност. Работникот Живко Кузмановски од скопското село Зелениково беше погребан вчера. Четири дена по несреќата, полицијата и посебна екипа на МЖ утврдуваат како се случи експлозијата. Тврдат дека нови моменти во истрагата нема, но неофицијално уште веднаш се зборуваше дека несреќата се случила при експлозија на еден од прекинувачите на трафостаницата.
„Пациентот имаше 82 отсто изгорена површина по телото. По два дена поминати на Одделението за интензивна нега, пациентот почина“, велат од Градската болница.
Смртта на Кузмановски ја потврдија и од „Македонски железници“.
„Изразуваме сочуство до семејството на починатиот наш работник. Од наша страна ќе преземеме се', ќе ги исполниме сите права што следуваат при ваков трагичен случај, за на најблиските, барем малку, да им помогнеме во големата болка“, вели портпаролката на МЖ, Мери Цакиќ.
Во јавноста пред неколку дена беше презентирана изјава од раководните луѓе во Градската болница, во кои, тие велат дека никој од МЖ не се интересирал за здравствената состојба на нивните работници.
„Тоа не е точно. Наш службеник постојано се информираше за здравјето на работниците“, велат од МЖ.
Во врска со истрагата, засега нема ништо ново. Комисијата на МЖ се' уште работи на случајот, а истрагата продолжува и во МВР. Неофицијално се зборуваше дека несреќата се случила при човечко невнимание, односно електричарите менувале осигурувачи додека трансформаторот бил под напон.
Инцидентот се случи во понеделникот кај трафостаница за опслужување на електричните водови на железницата меѓу скопските населби Драчево и Лисиче при редовна проверка на електричните локомотиви. (Г.А.) |