И „тигарот“ Спасов нуди сведоци во истрагата за убиството
Идната недела сведоци ќе предложи осомничениот, а можно е да бидат сослушани и сведоци од најблиските на починатото момче
Љубиша Станковиќ
Продолжува истрага што веќе еден месец се води за припадникот на полициските „тигри“, Игор Спасов, осомничен за смртта на младиот Мартин Нешковски. Денеска е предвидено истражната судијка да ги сослуша последните сведоци што ги предлага Јавното обвинителство, но треба да се очекува и продолжување на мерката притвор за нови 30 дена. Истрагата не открива детали што се однесуваат на новите сведоци. Со распитот на сведоците на Обвинителството, истрагата против Спасов нем�� да биде затворена.
„Веќе од понеделник треба да бидат распрашани и сведоци, кои, ние, како одбрана, ќе му ги предложиме на судот, но за ова не би сакал да говорам, бидејќи се' уште немам направено консултации со мојот штитеник“, вели бранителот на осомничениот Игор Спасов, штипскиот адвокат Донче Наков.
Извори блиски на истрагата наведуваат дека освен наведените, пред истражниот судија ќе се појават и сведоци на предлог на оштетениот, односно на иницијатива на најблиските роднини на починатиот Мартин Нешкоски.
Настанот за кој е притворен „тигарот“ Спасов се случи на 6 јуни, само еден час по полноќ, кога во време на прославата на изборната победа, брутално до смрт беше претепан младиот Мартин Нешкоски од Скопје.
Случајот два дена беше мистерија, со оглед на тоа дека не беше обелоденет идентитетот на момчето, ниту пак беа познати причините за неговата смрт. Резултатите од Институтот за судска медицина во Скопје потврдија дека Мартин Нешкоски починал од нанесени тешки повреди на телото и на главата. Инцидентот, кој најпрво беше обелоденет на социјалните мрежи, предизвика низа реакции и протести на улиците на главниот град. Младите веќе еден месец секојдневно протестираат, барајќи распуштање на специјалните полициски единици, но и одговорност од врвот на полицијата. Според министерката Гордана Јанкулоска, станува збор за „индивидуална одговорност“ поради што нема основа за нејзина оставка. |