Диран и Гаро
„Браќата Тавитјан“ на голем концерт во Скопје
Браќата Тавитјан в недела, 21 декември, ќе одржат спектакуларен концерт во Универзална сала во Скопје во 20,30 часот.
На прес-конференцијата што се одржа во ресторанот „Дал Мет Фу“, Гаро и Диран Тавитјан истакнаа дека по светската турнеја, која стартуваше во почетокот на 2008 година со настапи во Њујорк, Лондон, Германија, Ерменија, Бугарија, Словенија, Хрватска и Србија, конечно, завршува со концерт во Скопје.
Покрај Диран и Гаро, на концертот ќе настапат и врвни интернационални уметници, како што е перкусионистот Рани Крилја, кој е дел од бендот на Стинг, потоа виртуозот на кавал Теодоси Спасов од Бугарија и еден од најзначајните тапанари на Балканот - Гарабет Тавитјан.
Концептот на овој проект е замислен како спектакуларно доживување со употреба на светлосни ефекти, квалитетно озвучување и специфично сценарио.
Билетите веќе се во продажба во „Југотон“, „Чув де чув“ и на касата на Универзална сала по цена од 200 денари. (И.С.) |