Кој ја асфалтира „Христијан Тодоровски-Карпош“?
Моментално се работи на изградба на атмосферска канализација
Многубројни активности се изведуваат на улицата „Христијан Тодоровски-Карпош“, но за дел од нив не се знае кој ги спроведува. За петнаесетина дена ќе заврши изградбата на атмосферската канализација во Чаир долга 547 метри, што ја изведува ЈП „Водовод и канализација“, по што ќе биде целосно саниран оштетениот асфалт на улицата.
Минатата недела започна тампонирањето и асфалтирањето на дел од коловозот на сообраќајницата, но ниту во Општина Чаир ниту, пак, во Градот не знаат кој асфалтира. Општинската зграда се наоѓа токму на оваа градска улица, па на општинарите речиси пред очи им се градежните работници. Но, сепак, тие за одговор не' упатија во Градот.
„Изведбата на атмосферската канализација на улицата ’Христијан Тодоровски-Карпош‘ е во тек и доколку дозволат временските услови во текот на оваа есен, се очекува таа да биде ставена во функција до крај на годината. По завршување на инсталацијата, прекопите ќе бидат целосно санирани“, велат од Одделението за односи со јавност во Градот.
Изградбата на атмосферската канализација со Ф-800 милиметри започна во почетокот на септември. Нејзината изградба ќе создаде услови целосно да се издвојат фекалните и атмосферските отпадни води во два посебни колектора, бидејќи постојниот ќе остане да функционира како колектор за фекална канализација. (Сн.К.) |