Добивање матични клетки од кожата
Американските истражувачи пронајдоа брз и безбеден начин за трансформирање обични клетки од кожата во матични клетки - главни клетки во организмот - и во мускулни клетки
Американските истражувачи пронајдоа извонредно брз и, очигледно, безбеден начин за трансформирање обични клетки од кожата во матични клетки - главни клетки во организмот - и во мускулни клетки. Тие истакнаа дека нивниот метод може да значи обид да се добие ткиво со новата наука наречена регенеративна медицина, за која лекарите се надеваат дека, конечно, ќе најде начин за „поправка“ на рани и евентуално замена на цели органи.
Доктор Дерик Роси од Медицинскиот факултет „Харвард“ и неговите колеги во списанието „Клетка матична клетка“ објавија дека работат на нови начини на создавање индуцирани плурипотентни матични клетки познати како иПС-клетки. Тие клетки потсетуваат на ембрионски матични клетки - вистинските главни клетки во организмот што можат да прераснат во сите видови клетки и ткива и кои, исто така, можат да се добијат во лаборатории. Потребни се само 3 или 4 гени за да се активираат клетките од кожата или други обични клетки и да се натераат да се однесуваат како матични клетки. Но, повеќето начини да се постигне тоа се со користење вирус што ќе ги пренесе н��вите гени во клетката или ДНК и тие техники можат да доведат до други проблеми, како што се тумори.
Д-р Роси и колегите пробаа нов метод во лабораторијата на раководителот за матични клетки, Џорџ Делеј, користејќи РНК. РНК е соединение што ги извршува инструкциите од ДНК. На нивно изненадување, РНК од четири гени за „матични клетки“ успешно трансформирала обични клетки од кожата во иПС-клетки. Тие, како и другите матични клетки, можат да формираат срцеви клетки, нервни клетки или други типови клетки. Покрај тоа, можат директно да ги трансформираат клетките од кожата во мускулни клетки.
„Уверени сме дека нашиот пристап има потенцијал да стане голема и можеби централна технологија за терапии што се базираат врз клетки и за регенеративна медицина“, пишуваат авторите. „Методологијата што е опишана тука нуди неколку клучни предности во однос на утврдените техники за репрограмирање“. На пример, тие велат дека би требало да биде полесно помалку специјализираните и искусни научници да работат и да создаваат такви клетки.
Делеј и другите истражувачи, исто така, работат со хумани ембрионски матични клетки и сметаат дека користењето на иПС-клетки не е алтернатива за контроверзните ембрионски клетки. Тие тврдат дека сите видови истражувања на матичните клетки се подеднакво важни, бидејќи научниците учат како да ги користат.
За иднината на истражувањето на хумани ембрионски матични клетки се дебатира во американските судови и во Конгресот. Опонентите на истражувањето сметаат дека е погрешно да се уништува човечки ембрион поради која било причина, дури и ако ембрионите се остатоци од клиниките за оплодување и се наменети за уништување. Противниците на истражувањето ја тужеа американската влада и случајот го разгледуваат федералните судови. Апелациски суд во САД пресуди дека федералното финансирање за истражување за хумани ембрионски матични клетки може да продолжи се' додека трае жалбата. Членови на Конгресот, кои го поддржуваат истражувањето за ембрионски матични клетки, истакнуваат дека работат на законот за да биде јасно што може да плаќа владата. (Ројтерс)
Нашиот пристап има потенцијал да стане голема и можеби централна технологија за терапии што се базираат врз клетки и за регенеративна медицина
Д-р Дерик Роси Медицински факултет „Харвард“ |