Музичките институции подготвени за старт на новата сезона
Македонската филхармонија почнува со Симфониски концерт, Операта со „Бал под маски“, додека Балетот со гала-концерт
Тина Иванова
Двете најголеми македонски музички институции, Македонската филхармонија и Македонската опера и балет, интензивно се подготвуваат за настаните кои ќе го означат почетокот на новата концертна 2009/2010 сезона. Филхармонијата стартува на 1 октомври, со Симфониски концерт на кој ќе настапат реномираното диригентстко име Урош Лајовиц од Словенија и солистката на пијано, Ѓулсен Онај од Турција. На програмата на отворањето се содржани Концерт за пијано и оркестар од Едвард Григ, суитата „Жар Птица“ од Игор Стравински и суитата „Лабин и Дојрана“ од Трајко Прокопиев, со што ќе се одбележи 100 години од раѓањето на еден од основоположниците на македонската современа музика.
Македонската опера, пак, официјално оперската сезона ја почнува на 10 октомври со претставата „Бал под маски“, истата продукција со која настапи на годинашните „Мајски оперски вечери“, но со мала промена на дел од солистите, под диригентство на Саша Николовски-Ѓумар. Сепак, Операта пред официјалниот старт на новата сезона, на 8 септември со популарни оперски арии и хорски делници ќе одржи концерт по повод Денот на независноста, а како своевидна увертира за свеченото отворање, на 25 септември ќе ја изведе претставата „Рита“.
Македонскиот балет по 15 септември ќе почне да ја прикажува детската претстава „Доктор Офболи“. Но, свеченото отворање на сезоната ќе се случи на 2 октомври, кога со гала-концерт Балетот ќе ја прослави 60 годишнината од своето постоење. На концертот ќе бидат изведени популарни сегменти од балетите „Лебедово езеро“, „Дон Кихот“, „Рајмонда“, „Спартак“, „Шехерезада“, „Дамата со камелии“... Учество ќе земат балетски играчи од Италија, Куба, Франција, Турција, Русија, Украина и од Македонија.
Инаку, Македонската филхармонија во новата сезона наместо циклусот „Џез-симфониски концерти“ ќе воведе нов циклус насловен „Слушајте филм“, што подразбира изведба на филмска музика, во чии концерти ќе бидат вклучени и македонски автори. Во новата сезона ќе се одбележат и јубилеите - 65 години од постоењето на Македонската филхармонија и 100 години од раѓањето на големиот македонски композитор Трајко Прокопиев. Филхармонијата се пофали и дека во 2009/2010 година на концертите ќе гостуваат голем број врвни солистички и диригентски имиња, ќе бидат изведени и голем број премиерни или ретко изведувани дела, како и две големи вокално- инструментал��и дела, „Пасија по Матеј“ од Иларион Алфеев и „Реквием“ од Габриел Форе. Македонската филхармонија роденденот ќе го прослави на 26 ноември со свечен концерт под диригентската палка на маестро Јануш Пшибилски од Полска, кога како солист ќе настапи нашата позната пијанистка, амбасадор на културата во Австрија, Елена Мисиркова со изведба на Концертот за пијано од Властимир Николовски. Македонската филхармонија ќе продолжи и оваа сезона со внесување нови стандарди во областа на класичната музика, по претходното воведување нови циклуси, како џез-симфониски концерти, циклусот концерти со „Големите мајстори“, концертите „Љубов“ и „Танго“, како и циклусот на концерти наменети за најмладите.
И Македонската опера годинава дел од својот репертоар ќе им го посвети на најмладите. Покрај изведбата на „Волшебната флејта“, Операта ќе почне со подготовки за премиерата на „Пепелашка“, која ќе ја режира гостинката од Австрија, Уши Хорнер. Инаку, во октомври на сцената на Македонската опера ќе бидат изведени оперите „Волшебната флејта“ со солистите Ана Дурловски, Благој Нацоски и Игор Дурловски, потоа „Риголето“ со Ана Дурловски во насловната ролја, како и „Паљачи“. На 31 октомври Македонската опера ќе стартува со манифестацијата „Хајднови денови“ посветена на австрискиот композитор Јозеф Хајдн, приклучувајќи се кон светското одбележување на 200 годишнината од неговата смрт. Ќе бидат во овој контекст содржани и детски концерти, а како што вели директорот на Операта, Дејан Прошев, се планира на музика од Хајдн да се постави и кореографија на различни сегменти. На 6 ноември ќе биде изведен и неговиот ораториум „Создавање на светот“. До крајот на годинава, Операта ќе ги изведе и „Италијанка во Алжир“, „Турандот“, „Кармен“ и „Лилјакот“. |