Последен ден за регистрирање заедница на станари
Во Централниот регистар на Македонија вчера немаше навалица на шалтерите. Граѓаните, дојдени да го фатат последниот воз од рокот за регистрирање на заедниците на сопственици на станови, чекаа едвај по половина час за проверка и за поднесување на документацијата. Релаксираната атмосфера ја дополнија и љубезните вработени во Централниот регистар, кои, барем вчера, се' уште имаа нерви за бескрајните прашања на граѓаните.
Денеска е последен ден за поднесување на документацијата и за добивање потврда за прием, кој мора да се испочитува за да не се заработи казна од 300 евра. Решението за регистрација на здружението ќе се чека дополнителни неколку дена. Сепак, забележлива гужва и нервоза на шалтерите немаше.
„Граѓаните иако со купови документи трпеливо чекаат во редица да се информираат, а морам да нагласам дека наидовме и на љубезни вработени, кои внимателно сослушуваат и потоа посочуваат што се' е потребно да се заврши работата“, вели скопјанец, кој е потенцијален претседател на заедницата на станари во неговата зграда. Тој вели дека додека чекал забележал оти луѓето што поднесувале документација имале најразлични прашања и свои толкувања на Законот за домување, а многумина и не целосно подготвена документација, но, сепак, ретко кој од нив бил вратен од шалтерот. (С.Д.) |